Ова собно растение ќе го подобри квалитетот на вашиот сон, според научниците

Ова собно растение ќе го подобри квалитетот на вашиот сон, според научниците

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Додавањето растенија во која било соба ќе ја направи посвежа, позелена и поубава. Сепак, кога станува збор за спалната соба, важно е да изберете растенија што нема да ви го нарушат сонот. Но, дали знаевте дека одредени растенија можат да го подобрат?

Според истражувањата, јасминот е совршено растение за спалната соба. Имено, пријатниот мирис на јасмин може значително да го подобри квалитетот на спиењето, да го намали нивото на стрес и да ја поддржи емоционалната рамнотежа. Ова го докажало истражувањето на д-р Брајан Рауденбуш од Универзитетот во Западна Вирџинија, во кое учесниците спиеле три ноќи во различни соби: првата била миризлива соба со јасмин, втората со лаванда, а третата без никакви мириси. Резултатите покажале дека оние што спиеле во соба со јасмин имале помирен сон, чувствувале пониско ниво на анксиозност и стрес по будењето и подобро се справувале со когнитивните задачи следниот ден. Сличен наод е пронајден и за лавандата, но во многу помала мера.

Ова не е единствената студија што ги открила корисните ефекти на јасминот врз квалитетот на спиењето. Германска студија покажала дека мирисот на јасмин дејствува како природен лек за спиење и го подобрува расположението. Самото мирисање на растението или аромата на јасмин може да ве смири и опушти.

Освен подобрувањето на квалитетот на спиењето, постојат неколку други причини зошто е добра идеја да додадете јасмин во вашата „внатрешна градина“. Како и многу други растенија, јасминот дејствува како прочистувач на воздух - во затворен простор помага во отстранувањето на штетните токсини како што се бензен, формалдехид и трихлоретилен, со што придонесува за подобар квалитет на воздухот во домот.


Дополнително, докажано е дека мирисот на јасмин го подобрува расположението. Американското ботаничко друштво во една студија докажало дека спиењето со мирис на јасмин може да го подобри расположението. Затоа, ако се будите лошо расположени секое утро, додавањето растение (или арома) од јасмин во вашата спална соба може да биде потенцијално решение. Зошто? Антиоксидансите и полифенолите што се наоѓаат во оваа арома ја подобруваат функцијата на мозокот и го зголемуваат нивото на среќа.

Кои други растенија се добра опција за спалната соба?

Орхидеја

Ако сакате да внесете боја во вашата соба, орхидејата е одличен избор. Освен што се познати по своите прекрасни цветови, тие се хипоалергични и го прочистуваат воздухот.

Спатифилум

Спатифилумот е познат и по своите својства за прочистување на воздухот, а ова растение може да придонесе и за влажноста во просторијата, што го прави одлична опција ако сувиот воздух ви пречи.

Бостонски папрат


Едно од најпопуларните собни растенија е одлично и за спалната соба. Исто така, помага во прочистување на воздухот, а ова растение претпочита помалку светлина, па затоа ќе му биде добро во потемна просторија.

Извор: ljepotaizdravlje.hr

Фото: Freepik