Зошто најчесто возиме со една рака на воланот?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Во минатото возачите често беа критикувани поради тоа што со една рака го држеа воланот, а со друга менувачот. Но, со појавата на автоматски менувачи, мултимедијални системи во возилата и сè поголемата зависност од паметните телефони, значително се променија автомобилите, а и самите навики на возачот. Многумина ќе речат на полошо.
Возењето бара прецизност, контрола и безбедност. Еден од клучните аспекти за ефикасно и безбедно возење е токму начинот на кој се држи воланот.
Препораката отсекогаш била рацете да се постават така што ќе ја симулираат позицијата на стрелките од часовникот: 10:10 или 9:15 часот. Сепак, технолошкиот напредок направи овие навики да еволуираат.
Лизгави патишта и побрзо возење се само дел од факторите што можат да го загрозат управувањето и да го зголемат ризикот од несреќи. Техниката на држење на воланот треба да биде постојана, а почнува да се учи уште од автошкола. Но, со текот на времето, многу возачи стекнуваат лоши навики со кои ја загрозуваат и сопствената, но и безбедноста на другите учесници во сообраќајот.
Правилното држење на воланот значи подобро управување на возилото
Правилното држење на воланот овозможува подобро управување, побрза реакција во итни ситуации и помал замор при подолги патувања. Исто така, се постигнува и подобра контрола над возилото, се намалува заморот во рацете и рамената, и се намалува ризикот од повреди во случај на активирање на воздушните перничиња.
Покрај класичната, сè повеќе се прифаќа и уште една позиција на рацете: 8:20 – особено корисна при долги возења бидејќи го намалува заморот. Но, треба да се има предвид дека со тоа се намалува контролата при итно маневрирање.
Во практика, многу возачи најчесто возат со една рака, но ова е навика што треба да се избегнува, особено на отворени патишта полни со кривини, но и кога возачот сака да вози побрзо. Оваа навика значително ја намалува контролата и го зголемува ризикот од несакани ситуации.
Возењето со една рака не е новост, но сè повеќе станува честа појава, и тоа од повеќе причини. Автоматските менувачи се сè почести, а возачите сè поопуштени.
Според најновите податоци, околу 70 отсто од новопродадените возила во Европа имаат автоматски менувач. Ова се должи на променетите преференции кај купувачите, но и на зголемениот број хибридни, електрични и други модерни возила кои користат различни типови автоматски менувачи.
Вината е и кај новите возила
Денес, со новите возила кои дури и немаат класични менувачи за менување брзини, возачите си наоѓаат нова „занимација“, а тоа е држењето на мобилниот телефон во раката.
Возењето со телефон в рака е уште една опасна навика. Освен што другата рака не е на воланот, погледот најчесто не ни е насочен кон патот, што е најчеста причина за сообраќајни несреќи.
Дополнително, и новите автомобили делумно се виновни за намалената концентрација и навиката на држење една рака на воланот. Мултимедијалните системи со помали или поголеми екрани често се единствениот начин за местење на климата, аудиосистемот, старт-стоп функцијата и други секундарни команди. Затоа возачите неретко го тргаат погледот од патот и со една рака „чепкаат“ по екраните.
На крајот, не е важно само како ја држите раката. Важна е целокупната положба на телото во седиштето. Седиштето треба целосно да одговара на грбот, во исправена положба. Така и рацете ќе бидат во правилна позиција, а возењето ќе биде побезбедно, се разбира, доколку не сте преокупирани со „играње“ на екранот.
Возењето бара дисциплина, свесност и навики кои ја ставаат безбедноста на прво место, а тоа почнува со двете раце на воланот.
Извор:
Rts.rs
Фото: Freepik