Што прават козите качени на дрво?

Што прават козите качени на дрво?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Козите се познати по тоа што со леснотија се искачуваат по планините. Тогаш зошто не би се качувале и на дрвја? Секако, глетката на стадо кози качено на дрво како јато птици, би била прилично запрепастувачка.

Запрепастени беа и биолозите кои патувале низ Мароко. „Бевме изненадени кога видовме како 10-20 кози се искачуваат по трнливите арган дрвја“, пишуваат тие во едно истражување објавено во списанието „Frontiers in Ecology and the Environment“.


Козите во оваа област, охрабрени од овчарите, се искачуваат на дрвјата и јадат малечко овошје чии семки се кршат за да се создаде масло од арган. Биолозите знаат дека големите семиња од арган често не поминуваат низ дигестивниот систем за варење на козата, па затоа одлучиле да откријат што прават козите откако ќе го изедат овошјето.

Понекогаш козите го плукаат семето додека преживаат - однесување кое истражувачите го виделе кај козите кои јадат маслинки. Козите, како кравите се преживари: животните кои ја голтаат храната, оставаат да се ферментира во стомакот и потоа ја враќаат и повторно ја џвакаат.

И додека семињата често се наоѓаат на истото место, причината не е само тоа што козите ја варат храната, а потоа преку изметот ги вадат семињата, туку едноставно тие ги плукаат семињата.



За да откријат дали ги плукаат семињата или ги исфрлаат од организмот преку изметот, истражувачите им дале на козите овошје со семиња со различна големина. Тие откриле дека козите можат да ги сварат сите семиња, поголемите семиња едноставно ги плукаат. Поинтересно е тоа што биолозите откриле дека над 71% од семињата кои ги плукале козите, биле одржливи.

Ова е важно бидејќи преживарите ги има насекаде низ светот, а семињата може да седат во дигестивниот систем на преживарите неколку часа или денови додека преживарот шета. Тоа значи дека овие животни би можеле да го шират семето надалеку плукајќи го.

Иако ова е прелиминарно истражување, биолозите се надеваат дека подлабоко ќе се навлезе во ова однесување па така и другите биолози ќе откријат за него и за тоа колку е добро да се шири семето во други живеалишта низ светот.