Колку брзо старееме, зависи од еден минерал

Колку брзо старееме, зависи од еден минерал

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Тајната за долг живот не се наоѓа во фонтаната на младоста и не е скриена во печурка длабоко во шумата. Не е ниту код што треба да го „хакираат“ анксиозните милијардери од Силициумската долина. Долговечноста може да зависи, барем делумно, од помалку фантастична работа: железото.

Пред да одите да купите додатоци за железо или да почнете да јадете стек, треба да го знаете ова: вашите гени може да имаат поголемо влијание од тоа што ќе консумирате кога станува збор за тоа како железото е поврзано со долговечноста.

- Се разбира, кога јадете црвено месо, вашето железо има повисоко ниво. Но, прашањето е дали тоа е директно поврзано - вели Јорис Дилен, водач на истражувачка група на Институтот„Макс Планк“.

- Не можеме да кажеме дека ако внесувате повеќе железо, тоа е поврзано со вашата смртност. Од нашите податоци беше сосема јасно дека генската варијација што е поврзана со метаболизмот на железото е обратно поврзана со долговечноста и животниот век - вели Дилен. Тој е автор и на неодамнешното истражување објавено во „Нејчр комјуникејшнс“, според кое луѓето со подолг век имаат одредени заеднички генски карактеристики.

Истражувањето спроведено од тимот на Делин споредило огромни генски податоци кои вклучувале стотици илјади европски и британски индивидуалци. Тие користеле техника наречена „мултиваријантно геномско скенирање“ за да одберат одредени генски „локуси“ (специфичната местоположба на даден ген) што било во силна корелација со три фактори:

- Животниот век на родителите на поединецот;
- Долговечноста што значи живеење до исклучителна старост;
- Здравјето или годините поминати во добро здравје (пред да се развие болест поврзана со возраста).

Поединци што ги имале овие три особини на долг и здрав живот, исто така, имале заеднички десет генски „региони на интерес“. Во рамките на тие десет региони одредени генски варијации се појавиле како особено значајни - конкретно овие гени се однесуваат на ризикот од кардиоваскуларни болести и колку телото метаболизира хем. Хем е име за вид железо кое се наоѓа во животинско месо. Резултатите посочуваат дека колку е подобро вашето тело во регулирање на нивоата на железо, толку подолго ќе живеете.

1
Фото: Freepik

Одредени генски црти беа значително во корелација со здравјето, животниот век и долговечноста.

Како ова влијае врз долговечноста?


Тешко е да се каже како точно комуницираат основните нивоа на железото што го внесуваме од храната и гените. Тимот на Делин разгледувал само гени и не разгледувал како околината (на пример, исхраната) може да промени колку добро се регулира железото во телото и како тоа влијае врз долговечноста.

Она што е јасно е дека железото игра поголема улога во стареењето и долговечноста отколку што мислите. Друго истражување дава докази за врската помеѓу акумулацијата на железото во одредени региони на мозокот и хемиските маркери на Алцхајмеровата болест.

Трето истражување ги поврзува нивоата на железо во областа на мозокот за која се знае дека е вклучена во Алцхајмеровата болест. Поединци со високо ниво на железо во мозокот и Алцхајмерова болест имале потешки симптоми во споредба со пациенти со пониско ниво на железо.

Истражување од 2013 година ги поврзува високите нивоа на железо во мозокот со Паркинсонова болест (уште една болест на стареењето) но обратно - ова истражување открило дека повисокото ниво на железо во мозокот всушност имало заштитен ефект.

Можеби начинот како вашето тело го регулира нивото на железо е претходно програмиран во вашите гени. Но, знаењето дека железото има голема улога во стареењето може да биде информација што треба да ја следите.

Знаеме дека премалку железо може да предизвика здравствени проблеми како анемија, а премногу железо може да биде токсично.

- Од генска перспектива заклучуваме дека за повеќето луѓе, корисно е да се намали железото. Но, тоа не значи за секого - вели Дилен.

Може во иднина да се создаде генско тестирање што може да го означи ризикот од развој на услови што доведуваат до ниско или високо ниво на железо.

- Можеби луѓето ќе можат да одат на клиника, да ги добијат своите генски информации и да видат дали се склони - вели Делин.

Но, како што вели, веројатно ако имате недостиг на железо, веќе имате физички знаци на ниско железо: анемијата, на пример, се карактеризира со замор, а премногу железо може да резултира со проблеми со црниот дроб.

Еден од истражувачите од тимот на Дилен, Пол Тимерс, вели дека резултатите можат да помогнат во објаснување на врската помеѓу јадењето многу црвено месо и кардиоваскуларните болести.

Од друга страна, храната богата со железо како леќата, спанаќот и оревите може да помогне во одржувањето на здравото ниво на овој минерал во организмот.

Извор: Inverse.com
Фото: Freepik