Џорџ Р. Р. Мартин открива кога ќе ја заврши новата книга од серијата „Песна за оган и мраз“

Џорџ Р. Р. Мартин открива кога ќе ја заврши новата книга од серијата „Песна за оган и мраз“

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Џорџ. Р. Р. Мартин напредува со пишувањето на книгата „Ветрови на зимата“, долго очекуваната шеста книга од серијата „Песна за оган и мраз“, врз која беше базирана серијата „Игра на троновите“.

Авторот открил за „Гардијан“ дека моментално се изолира во својата планинска колиба и се надева дека ќе го заврши делот следната година. Тој открил дека поминува многу часови секој ден работејќи на книгата.


Фото: Wikipedia

Дејството е сместено во фиктивното кралство Вестерос, а иако серијата заврши пред една година, обожавателите ја чекаат шестата книга од серијата со години. Ова е претпоследна книга од серијалот. Претходната книга излезе во 2011.

Мартин, кој има 71 година, напишал на својот блог дека принудената изолација во неговата колиба му помогнала во пишувањето и дека напредува со приказната.


Фото: Wikipedia

- Завршив едно поглавје вчера, едно пред три дена, и уште едно минатата недела. Но не, тоа не значи дека книгата ќе биде завршена утре или објавена следната недела. Ќе биде огромна книга и сè уште има многу за да ја завршам - напишал тој.

Минатата година тој предвиде дека книгата треба да биде готова ова лето и признал на својот блог дека би сакал да може да пишува побрзо, потсетувајќи се дека во 1999 пишувал 150 страници месечно.

Автор: Алисон Флод
Извор: theguardian.com