Колку пари земате од научноистражувачките проекти, зошто дебатирате ако се повлекувате од изборите? Поенти од дебатата на кандидатите за ректор на УКИМ
Подготвил:
Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Дебатата ја организира и емитува Факултети.мк преку платформата „Зум“ и помина успешно, во конструктивни и фер полемики, на академско ниво
По долго време македонската јавност
синоќа во живо ја следеше предизборната дебата помеѓу сите кандидати за ректори на најстариот и најголемиот државен универзитет во Македонија, „Св. Кирил и Методиј“. Во пресрет на денешните ректорски избори, за состојбата на УКИМ и на високото образование во земјава дебатираа седумтемина кандидати за ректор, професорите
Вујица Живковиќ од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје,
Коле Василевски и
Јане Ацевски, двајцата од Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“,
Александар Димитров од Технолошко-металуршкиот факултет,
Драги Димитриевски од Факултетот за земјоделски науки и храна,
Никола Јанкуловски од Медицински факултет и
Петар Атанасов од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања.
Дебатата ја организира и емитува Факултети.мк преку платформата „Зум“ и помина успешно, во конструктивни и фер полемики, на академско ниво.
Модератор беше Катерина Топалова, која сконцентрирано, во исцрпувачки три часа, речиси до полноќ, ги водеше кандидатите низ петте зададени теми - каков ректор му е потребен на УКИМ, зошто (не) треба да се одржат изборите, кои се евентуалните спорни елементи во постапката, каков е квалитетот на УКИМ со оглед на тоа што со години постојано оди надолу на светските листи за високо образование, како го коментираат Законот за високо образование, според кој првпат се одржуваат изборите, како да ги задржиме добрите студенти во земјава.
При ректорски избори кои секој ден земаат нов правец, со обвинувања дека се спроведуваат нелегално во време на вонредна состојба, со претставки до Државниот просветен инспекторат и Државната комисија за спречување корупција, дури и Уставниот суд одлучуваше по одредени прашања, ривалите отворија и провокативни прашања околу толкувањето на Статутот на УКИМ, зошто се дозволило цела година институцијата да остане без овој основен документ (по донесувањето на Законот за високо образование во 2018 година), колку пари земаат за себе од научноистражувачките проекти и како се распределува процентот.
Катерина Топаловска, Никола Јанкуловски, Александар Димитров, Драги Димитриевски, Коле Василевски, Вујица Живковиќ, Јане Ацевски и Петар Атанасов
Димитров уште на почетокот забележа зошто на гласачите не им се достапни биографиите на секој кандидат, бидејќи тоа е единствениот документ што транспарентно прикажува кој кандидат колку вреди. Тој ги праша тројцата кандидати (Димитриевски, Живковиќ и Атанасов) зошто учествуваат на дебатата ако се повлекуваат од учество на изборите.
Тие му одговорија дека не се повлекуваат, туку го замрзнуваат учеството зашто спроведувањето на изборите го сметаат за нелегално.
Живковиќ најотворено одговори на прашањето колкава му е платата и колкав процент зема од научноистражувачките проекти, а истото прашање му го постави и на актуелниот ректор Јанкуловски. Тој рече дека не се 5%, туку 3%, а за суми не може да зборува дека е премногу лично прашање и го праша Живковиќ зошто постојано јавно зборува лошо за УКИМ, иако е проректор за настава. Тој додаде дека постојано имал опструкции од проректорите и нагласи дека УКИМ одлично котира во регионот.
Според Василевски, УКИМ е во „слободен пад“ на светските листи, тоа е состојба која новиот ректор ќе мора да ја промени. Тој смета дека Уставниот суд бил дециден дека ректорските избори се спорни и не смее да се одржат.
Ацески, пак, е на другата страна по ова прашање. Тој рече дека изборите треба да се спроведат и да завршат зашто и студентите и професорите предолго се во неизвесна ситуација, а светската пандемија на Ковид-19 дополнително придонела за лошата ситуација.
Атанасов неколку пати повтори дека не ги признава изборите. Тој смета дека УКИМ ќе оди напред само со реорганизација и ново раководство, исклучиво ако образованието се прогласи за национален приоритет и се вложи во науката. Неколку кандидати му реплицираа зошто не влијаел на тоа додека бил заменик-министер за образование и наука, а тој одговори дека затоа си поднел оставка. Од Димитров доби реплика дека откажувањето не е добар пример, дека во секоја работа треба да се истрае и да се постигне целта.
Димитриевски рече дека на УКИМ му се потребни нови луѓе кои ќе му го вратат достоинството на универзитетот и ќе го вратат квалитетот на образованието.
Дебатата во живо ја следеа многу читатели кои можеа да постават и прашања. Најчесто се повторуваше прашањето зошто никој не ги споменува студентите? Кандидатите имаа заеднички став дека сите прашања се однесуваат токму на студентите, за тие да добијат поквалитетно образование.
Целата дебата можете да ја проследите
ТУКА