Габриела Козарова е најдобар дипломец на Економскиот факултет при УКИМ со просек 9,88: „Немав испуштено ни едно предавање“

Габриела Козарова е најдобар дипломец на Економскиот факултет при УКИМ со просек 9,88: „Немав испуштено ни едно предавање“

Подготвил: Жанета Здравковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Бев студент што не учи кампањски, туку редовно и факултетот ми беше приоритет, па успеав навреме да ги положам сите предмети преку колоквиуми и да го завршам факултетот во рок, односно за четири години, вели Габриела Козарова.

Габриела Козарова е прогласена за најдобар дипломиран студент на Економскиот факултет при УКИМ во Скопје за академската 2022/2023 година. За време на студирањето на студиската програма Маркетинг таа постигна импресивен успех дипломирајќи со просек 9,88. Успехот е резултат на голема посветеност, труд, но и редовност на предавањата и систематизираност во знаењето.

- Можам да кажам дека секој факултет си има своја тежина, така и јас вложив значителен труд и напор да достигнам таков успех и да бидам издвоена како еден од најдобрите студенти на УКИМ. Би кажала дека тоа што го правиш со љубов, ќе донесе резултати, па така беше и со мене. Јас вложив максимум и сметам дека пресудно за мојот успех беше редовноста, неиспуштено ниту едно предавање на факултет, но секако и дружбата со вистински колеги со кои секојдневно се мотивиравме секој испит да биде успешно положен - вели Габриела.

Сите предмети ги положила преку колоквиуми

Како што била редовна на предавањата, така и редовно ги учела предадените материјали, што било дел од нејзиниот успешен студентски пат.

- Бев студент што не учи кампањски, учев редовно и факултетот ми беше приоритет. Успеав да ги положам сите предмети на колоквиуми и го завршив факултетот во рок, односно за 4 години. Дипломирав со просечна оцена 9,88. Посебно во сеќавање ќе ми остане предметот Интегрирани маркетинг-комуникации, можам да кажам дека од тој предмет стекнав добра рутина и сфатив дека кога имаш рок, многу си попродуктивен и многу повеќе учиш - вели Козарова.

Моменти од студирањето на кои е најгорда се успешната одбрана на дипломската работа и доделувањето дипломи кога нејзиното име било прочитано прво и била издвоена како студент на генерацијата 2022/2023.



Економијата – љубов од средношколските денови

- Желбата за економија ми се појави уште во средно училиште. Се запишав во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“, но веќе во трета година се пренасочив на ОХА каде што се изучуваа економските науки, така што тоа беше периодот кога веќе почнав да се интересирам за економијата. Од сите предмети во училиште можам да издвојам дека ја сакав физиката. Искрено, еден период размислував да се запишам на Факултетот за ветеринарна медицина, но таа желба беше присутна кратко време - додава Козарова.

Се запишала на Економскиот факултет во својот роден град, во период кога дел од нејзините врсници заминале да студираат во странство.

- И јас размислував за опцијата студии во странство, но сепак сметав дека најдобрата опција од финансиски аспект, но и општо поради фактот дека дипломата од УКИМ ќе има важност во странство доколку сакам да продолжам на постдипломски студии беа пресудни да одлучам да студирам овде. Го одбрав Економскиот факултет бидејќи слушав пофални зборови за него, искуства од поранешни студенти, но и сметав дека ќе биде најправилен избор кога веќе бев цврсто решена дека ќе студирам економија - вели таа.

Маркетингот дозволува да размислуваш отворено

Во периодот кога требало да се одбере насока на факултет, одлучила дека маркетингот е вистинскиот избор за неа. Ја привлекуваат научни области каде што може ја изрази својата креативност, да размислува отворено и каде што има динамика, а маркетингот го нуди сето тоа.

- Сметам дека последниве неколку години маркетингот сѐ повеќе се развива и има многу интерес за него. Но, со курсевите што се достапни веќе секој поединец кој е заинтересиран може да напредува во оваа професија. Областа е широка, доколку имаш дарба и љубов, многу брзо можеш да напредуваш на ова поле – вели таа.



Поголеми бенефиции од државата за младината да остане дома

Моментално работи во рекламна агенција и е прилично задоволна од досегашното стекнато искуство. Планира да се надградува и да ги шири знаењата, особено во областа на дигиталниот маркетинг.

- Засега, искрено, семејството е тоа што ме држи овде, немам детално размислувано за заминување и работа во странство, но го чувам како опција во зависност од тоа какви можности ќе ми се појават на патот – раскажува Козарова.

Таа смета дека државата ги помага солидните студенти преку одредени бенефиции, но тие треба да бидат многу поголеми за студентите да останат да студираат дома.
- Од мое лично искуство, можам да кажам дека нашата држава нуди бенефиции за квалитетните студенти. Пример, јас како студент со постигнат успех секоја година земав стипендија. Исто така, во текот на студирањето ми беше овозможена и платена практикантска работа (конкретно бев практикант во компанијата ОКТА АД Скопје, каде што го стекнав моето прво, но особено добро работно искуство). Сепак, би кажала дека во однос на другите држави и бенефициите што тие ги нудат за своите квалитетни студенти, ние како држава сме уште назад и мора да се размислува за подобри можности за студентите бидејќи само така ќе се мотивира младината да остане да студира и да работи овде - рече Козарова.

Фото: приватна архива