Необичен вид на протест на студентка од Шведска, кој се покажал како успешен

Необичен вид на протест на студентка од Шведска, кој се покажал како успешен

Подготвил: Билјана Арсовска

Студентка од Шведска спречи депортирање на авганистански барател на азил така што одбиваше да седне додека човекот не биде отстранет од леталото.

Нејзиниот успешен протест го свртува вниманието кон домашното спротивставување на строгите правила во Шведска кога станува збор за азиланти, токму во време кога имиграцијата и азилот се на врвот на агендата во изборната кампања во која крајната десница има прилично силни резултати.

-Се надевам дека луѓето ќе почнат да се прашуваат како нивната земја ги третира бегалците Треба да почнеме да ги гледаме луѓето чии животи се уништуваат од нашата имиграциска политика - вели 21-годишната Елин Ерсон.

Таа студира социјална работа на Универзитетот во Гетеборг. Елин купила билет за лет од Гетеборг до Турција во понеделникот изутрина, откако таа и други активисти дознале дека млад Авганистанец требало да биде депортиран со него. Тој не бил во авионот, но активистите откриле дека друг Авганистанец, на околу 50-годишна возраст бил во леталото со кое требало да биде деппортиран.

Кога влегла во авионот, Ерсон почнала во живо да го пренесува нејзиниот протест, притоа зборувајќи на англиски.

-Не сакам животот на еден човек да биде одземен само затоа што вие не сакате да го испуштите летот. Нема да седнам додека лицето не се симне од авионот - вели Ерсон.

Може да се слушне како еден стјуард ѝ вели неколку пати да прекине да снима, но таа истакнува дека прави што може за да спаси нечиј живот.

-Сѐ додека некој стои, пилотот не може да полета. Сѐ што сакам е да го сопрам депортирањето и тогаш ќе се придржувам кон правилата тука. Ова е легално и немам извршено прекршок - вели студентката.

Кога еден лут патник се обидува да ѝ го земе телефонот, таа му вели: „Што е поважно, живот или твоето време?“

Потоа студентката додава дека сака човекот да се симне од авионот зашто не е безбеден во Авганистан.

-Се обидувам да ги променам правилата на мојата земја, не ми се допаѓаат. Не е правилно да испратите луѓе во пеколот - нагласува Ерсон.

Властите од аеродромот не сакаа да искористат сила за да ја симнат студентката од авионот. На крајот, барателот на азил беше оној кој се симна, а патниците аплаудираа на тоа.

Елин смета дека во Авганистан не е безбедно па да може луѓето да одат таму и мисли дека Шведска може да биде подобра кога станува збор за тоа како ги третира бегалците.



Депортирањето во Авганистан беше запрено на кратко по талибанските насилства во јануари, но шведските власти сметаат дека земјата е безбедна за барателите на азил чии барања биле одбиени. Во последната процена, миграциските служби во Шведска истакнаа дека талибанските напади биле претежно насочени кон војската и странците и дека насилството над Авганистанците е ретко.

Во 2015 година 163.000 луѓе побарале азил во Шведска. Минатата година граничната полиција депортирала 12.550 луѓе. Обично депортирањето се одвива брзо, но повремено е прекинато од демонстранти како Ерсон или други баратели на азил. Кога ескалираше бегалската криза во 2015, Шведска го отежна влегувањето во земја и се намали бројот на апликации за азил. Во 2016 година речиси 29.000 луѓе побарале азил, додека минатата година нивниот број изнесувал 26.000. Оваа година има по околу 1.500 барања месечно.

Што се случило со младиот човек кој требало да биде депортиран во понеделникот е непознато. Шведските власти потврдија дека младиот човек ќе биде депортиран штом се најде превоз. Елисон верува дека младиот маж е однесен во Стокхолм и ставен во авион.