ЕСА објави нови фотографии од Марс
Орбитерот „Марс експрес“, кој ѝ припаѓа на Европската вселенска агенција (ЕСА), објави нови фотографии од Марс.
Сателитот орбитира околу Марс од 2003 година, а во април испрати фотографии од огромната рамнина Утопија Планитија, која се наоѓа во поголемата област Утопија – на северната полутопка на Црвената Планета. Рамнината е двојно поголема од Земјината пустина Сахара и е претежно покриена со мраз.
- Најновите снимки испратени од орбитерот „Марс експрес“ на ЕСА покажуваат две бразди во кората на Марс кои се дел од моќниот систем на кањонот Валес Маринерис - соопшти ЕСА.
Валес Маринерис е споредуван со американскиот Голем Кањон, со тоа што САД се многу помали од Марс. Овој кањон е долг 4.000 километри, широк 200 километри и длабок до 7 километри, што значи дека е десет пати подолг, 20 пати поширок и пет пати подлабок од Големиот Кањон. Всушност, Валес Маринерис се смета за најголемиот систем на кањони во Сончевиот Систем и се верува дека е формиран со одвојување на тектонски плочи.
На новите фотографии јасно се гледаат два кањони од западот на Валес Маринерис: Харизма со должина од 840 и Титониум Часма долг 805 километри. Фотографиите со висока резолуција ја прикажуваат површината подробно, па можно беше да се дознае и колку се длабоки кањоните – околу седум километри.
Титониум Часма
Сликите покажуваат и други карактеристики, вклучително и песок што можеби дошол од блиското вулканско подрачје Тарсис – планинска верига што се издигнува до 3.000 метри височина, а содржи сулфатни минерали и тука имало неодамнешно лизгање на земјиштето. Фотографиите беа објавени во различни бои и нијанси, а секоја покажува различни одлики на богатата површина на планетата.
Орбитерот претходно откри и ледени езера под површината на Марс, а ЕСА очекува уште повеќе од своето софистицирано летало.
Извор: МИА