„Скопскиот земјотрес ми скрши три пршлени, но повеќе ја паметам солидарноста“, вели учителката Маре

„Скопскиот земјотрес ми скрши три пршлени, но повеќе ја паметам солидарноста“, вели учителката Маре

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Додека бев сместена во болница во Белград, замотана во гипс, не можев да станувам. Едно претпладне сестрата дојде во собата, држеше огледало и ми рече: „Марика, имате посета, еве погледнете од прозорец“. Се вџашив! 30 колеги од училиште дошле да ме посетат, се присетува учителката Маре на кобниот 26 јули 1963

Јули или златец е седмиот месец во годината. Месец кој асоцира на жешко лето, плажа, одмори, лубеница, но и на еден немил настан. Педесет и девет години од катастрофалниот скопски земјотрес, но спомените не избледуваат. Живите сведоци на кобниот ден, 26 јули 1963, 5:17 часот, се сеќаваат како вчера да бил. Морници и ден-денес ги лазат, солзи им потекуваат, рани им се отвораат... Учителка Маре Трајкова живее со спомените и јасно се сеќава на јулскиот ден.

Ме крена нешто од креветот

- Секој месец во годината одбележуваме некој настан, било тоа да е роденден, прослава, случувања во семејството, во државата или некој христијански празник. За секој месец можам да кажам некој настан, но кога доаѓа јули, секојпат сум вознемирена, емотивна, а и среќна. А зошто? Преку мојата приказна ќе ви раскажам спомен, односно едно битно парче од мојот живот. Живот кој заврши среќно за мене, а ми остави физички и психички последици. Тоа беше одамна, а се чини како вчера - 1963 година, скопскиот земјотрес. Утро. Сонцето со своите зраци како да сакаше да ни каже нешто. Татнеж, прашина, пискотници, лелекања, извици, довикувања. Наеднаш осетив како нешто да ме крева од креветот. Се најдов на улица отфрлена низ прозорецот на една бетонска плоча. Луѓето што биле надвор дотрчаа да ми помогнат, но за среќа, еден комшија не дозволи да ме кренат, туку со брза помош бев префрлена во болница каде што ми укажаа помош. Резултатот беше: три пршлени скршени, здробени, опасност да го повредат ’рбетниот мозок - се присетува учителка Маре.



Безмерна солидарност


По неколку дена била префрлена во полската болница.

- Таму останав неколку дена, во близина на Куманово. Тоа беше солидарност од цел свет. Доктори од сите раси, сериозни, загрижени за пациентите, помош во секој момент. Фрапантно. Невидена хигиена, внимание, однос. Од мојата повреда направија филм бидејќи со таква повреда остануваш цел живот инвалид. Во 5.000 вакви случаи останува само еден пациент да ги движи нозете. Сите доктори беа изненадени. И ден-денес сум многу благодарна за нивната солидарност. Со воз бевме префрлени во Белград, во Коснозглобната болница на Бањица. Исто така, ангажираност на високо ниво. Сместување. Тоа не личеше на болница, туку на хотел бидејќи сѐ беше како што треба, дури совршено. Хигиена, грижа, лекување, дисциплина. Просто со нивната насмевка да те излекуваат. Солидарноста беше безмерна. Бев во гипс и не можев да станувам. Едно претпладне сестрата дојде во собата, држеше огледало и ми рече: Марика имате посета еве погледнете од прозор. Бев запрепастена! Што?? Моите колеги од училиште, дошле да ме посетат. Солзи, солзи, не можев да се смирам, а кога влегоа во собата, лелек од солзи и радосници и жалосници. Емоциите насекаде беа распослани - детално ни споделува учителка Маре.

Приказна со среќен крај

Докторите биле внимателни и љубезни, потврдиле дека повредата е тешка, но супер закрепнувала бидејќи била дисциплинирана.

- Сѐ уште се сеќавам на нивните имиња: доктор Нешовиќ и доктор Златиќ. Не можам да го заборавам гестот на моите колеги. Околу 30 колеги специјално ме посетија во Белград да ме видат, да видат како заздравувам. Цел персонал беше изненаден. Нивната хуманост и помош засекогаш ќе останат за почит. Само тоа можам да кажам, со солидарноста на луѓето, на многу земји, на армијата, на народот и нивната хуманост, Скопје почна одново да се гради, постепено почна да се обновува. Жалам за повредените, жалам за загинатите. И се надевам дека никогаш нема да се повтори. Човекот е немоќен при ваквите појави, било да е земјотрес, вулкан, поплави. Но мојата приказна имаше среќен крај. Вистинска среќа, радост е што денес можам да се движам. Иако сѐ супер заврши, спомените не се бришат, стравот и трагите во срцето остануваат - се присетува Маре.



Потоа била префрлена во центарот за рехабилитација во населбата Козле.

- Во тоа време перфектна беше чистота, храната, дисциплината и негата што им се даваше на пациентите. Од тој центар, преку терапијата успеав да се наведам и да си ги допрам прстите на нозете и полесно да станувам од кревет. Безрезервно сите ми помагаа.
Еве и денес, на 82 години, при таква повреда, супер се држам. Одам, работам, се движам, единствено спомен ми остана кога треба да се наведам - вели учителка Маре.

Фото: приватна архива