Тест на крвта открива рак на дојка порано и од мамограф
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Едноставен тест на крвта кој ветува дека ќе биде подобар за откривање на раната фаза на рак на дојка, подобро и од мамограмот, беше поздравен како „менувач на играта“ за здравјето на жените.
Тестот наречен „Трукчек“, кој ги истакнува канцерогените клетки што циркулираат во крвта, точно идентификува 92 отсто од карциномите на дојка - околу 5 процентни поени повисоко од мамографијата.
Но, научниците велат дека вистинскиот пробив е неговата подобрена способност да го забележи ракот на дојка во рана фаза, кој е толку тешко да се забележи на скеновите, особено кај помладите жени.
Хирургот за рак на дојка, професор Кефах Мокбел, кој бил дел од истражувањето, предвидел дека тестот на крвта ќе доведе до промена на парадигмата во скринингот за рак на дојка.
- Потенцијално, овој тест ја менува играта. Може да го трансформира скринингот за рак на дојка - вели тој.
Онкологот д-р Тим Крук од приватна болница во Лондон, кој им го нуди тестот на пациентите, вели дека тестот може да ги замени мамографите.
- Имаме огромен проблем со доцната дијагноза на ракот во оваа земја и беше тешко да се откријат начини да се подобри тоа - вели тој.
Во тестот, медицинска сестра вади 5 мл крв, која се обработува за да се идентификува присуство на „циркулирачки туморски клетки“. Овие клетки речиси секогаш се произведени од канцерогени тумори и се прецизен знак за рак.
Во студијата во која биле вклучени примероци од крв од 9.632 здрави жени и уште 548 со рак на дојка, „Тручек“ можел правилно да го забележи ракот таму каде што постоел во 92 отсто од времето.
Фото: Freepik
Тестот го забележал ракот во доцниот стадиум каде што туморите се шират надвор од градите, со идентификување 100 отсто од примероците од жени со стадиум 3 или стадиум 4 од болеста.
Иако не беше толку прецизен во откривањето рак во порана фаза, сепак резултатите биле импресивни - идентификувал 96 отсто од жените со стадиум 2, каде што туморот во голема мера е ограничен на дојката.
За стадиум 1, каде што ракот е мал и само на дојката, точноста била 89 отсто. Дури и за фаза 0, каде што има преканцерогени лезии кои би можеле да се развијат во болест, биле идентификувани 70 отсто од случаите.
Немало лажни резултати во кои тестот покажува дека постои рак, а всушност нема. Спротивно на тоа, околу еден од десет позитивни мамографи се лажна тревога, што резултира со непотребен третман.
Д-р Крук рече дека ако повеќе жени се дијагностицираат кога ракот на дојка бил помалку развиен, тоа драматично ќе ги подобри севкупните резултати.
Тестот има европско одобрение за употреба кај жени над 40 години, но сè уште е подложен на студии за валидација во Обединетото Кралство и во САД. Истата технологија, развиена од индиската фирма „Датар“, е потврдена за прецизно откривање на глиобластом, агресивен рак на мозокот.
Д-р Крук рече дека тестот на крајот би можел да се користи за годишен скрининг за повеќе видови рак од еден примерок на крв.
- Ако можете да направите тест на крвта во една цевка што може со сигурност да ги открие сите вообичаени цврсти тумори, тоа би било фантастично. Вашиот општ лекар може да го направи тоа.
- Раното откривање може да ја спречи смртта кај луѓето. Овој метод би можел да биде особено корисен за дијагностицирање рак на дојка каде што се поместени границите на откривање за мамографијата - рече Сајмон Винсент од хуманитарната организација „Рак на дојка сега“.
Извор:
Daily Mail
Фото: Freepik