Доктори откриваат дали е опасно да влезете во вода откако сте се најале

Доктори откриваат дали е опасно да влезете во вода откако сте се најале

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Замислете го ова: имате 10 години, штотуку добро сте се најале со хотелскиот појадок и сте подготвени да го поминете целиот ден на базен или покрај море. Но, вашите родители велат дека треба да почекате пред да скокнете во вода. Зошто? Нивните одговори честопати не биле убедливи, а сега знаеме и зошто - овој мит не е поткрепен со научни докази.

И покрај повремената приказна за мистериозна смрт на деца кои се удавиле веднаш по јадење, научната литература не ја поддржува идејата дека пливањето веднаш по оброкот претставува голем ризик.

Од каде потекнува овој мит?

- Луѓето порано веруваа дека по јадење, дел од крвта може да се пренасочи во вашиот дигестивен систем, одвлекувајќи го протокот на крв од вашите раце и нозе. Ова може да ве измори или исцрпи, зголемувајќи го ризикот од давење - објаснува д-р Мајкл Бонифас.

Колку е старо ова верување, не е сосема јасно, но некои од најраните докази се пронајдени во прирачникот од 1908 година наречен „Извидништво за момчиња“.

- Прво, постои опасност од грчеви. Ако се капите во рок од час и половина по оброкот, односно пред да ви се свари храната, голема е веројатноста да добиете грчеви и да не можете да ги движите рацете или нозете, па ќе почнете да тонете надолу. Можете да се удавите - и тоа ќе биде ваша вина - стои во текстот.

Дали сепак е тоа само мит?

Овие зборови се прилично остри за книга наменета за деца, но и неточни. Во 2011 година Американскиот научен советодавен одбор на Црвениот крст ја испитал научната литература за пливање по јадење и дошол до заклучок дека нема случаи на фатално или нефатално давење во рекреативното и натпреварувачкото пливање.

- Во моментов нема докази за поддршка на врската помеѓу јадењето пред пливање и давењето. Упорноста на овој мит не е многу штетна, но сепак е мит - се вели во заклучокот.

Тоа не значи дека нема да имате проблеми со варењето ако јадете тежок оброк пред пливањето - комбинацијата од бранови и полн стомак не е многу пријатна, но малку е веројатно дека тоа ќе резултира со давење.

Извор: klik.hr

Фото: Freepik