Гледањето на Олимпијадата, без разлика дали во живо или на телевизија, е добро за здравјето

Гледањето на Олимпијадата, без разлика дали во живо или на телевизија, е добро за здравјето

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Неверојатна возбуда ако победи оној за кого навивате, разочарување ако изгуби и многу стресни чувства помеѓу. За среќа, целокупното влијание треба да биде позитивно, бидејќи истражувањата покажале дека луѓето што гледаат спорт чувствуваат поголема благосостојба од оние што не гледаат - и тоа веројатно е поврзано со социјалните аспекти на гледањето спорт.

Истражувањето спроведено на Универзитетот „Англиа Раскин“ користело податоци од 7.209 лица, на возраст од 16 до 85 години, кои живеат во Англија. Тие откриле дека луѓето што присуствувале на спортски настан во живо во изминатата година биле позадоволни од нивните животи, чувствувале дека нивните животи се повредни и биле помалку осамени од луѓето што не присуствувале. Овие наоди се конзистентни со други студии кои откриле дека луѓето што гледаат спорт во живо барем еднаш годишно имаат помалку симптоми на депресија од оние што не гледаат.

Но, и гледањето спорт на ТВ и на интернет може да биде добро за вашата благосостојба.

Оние што гледаат спорт имаат поголема веројатност да пријават чувства на животна исполнетост отколку луѓето што не гледаат. Позитивниот ефект од гледањето спорт е поврзан со социјалниот идентитет. Бараме поврзаност преку формирање групи: заедница на луѓе со кои делиме нешто заедничко. Овие заедници се дел од нашите идентитети и преку нив наоѓаме социјална и емоционална поддршка.

Пример за формирање група е заедницата што ја споделуваме со луѓе кои поддржуваат исти спортски тимови како нас. Истражувањата покажале дека луѓето што силно се идентификуваат со спортски тим, имаат поголема веројатност да почувствуваат емоционална поддршка од другите навивачи, што го зголемува задоволството од животот. Преку нашиот заеднички социјален идентитет, ние исто така ги споделуваме социјалните и емоционалните придобивки од успехот во нашата група.

Меѓутоа, кога нашиот тим губи, поверојатно е да се дистанцираме од нашиот тим за да се заштитиме од негативни социјални и психолошки последици. Улогата на социјалните процеси што го поврзуваат гледањето спорт и благосостојбата била покажана во јапонска студија со помош на слика на мозокот. Истражувачите откриле дека областите на мозокот поврзани со психолошки награди биле поактивни кога учесниците гледале популарен спорт, како бејзбол, отколку помалку популарен спорт, како на пример голф.

 

Без разлика дали го поддржувате вашиот тим од дома или на натпревар, можете да уживате во подемите и падовите кои се дел од тоа да се биде љубител на спортот, знаејќи дека тоа е добро за вас - сè додека го споделувате искуството со другите.

Извор: vecernji.hr

Фото: Freepik