„Камења“ од несварено овошје, коса, па дури и гуми за џвакање може да се кријат во вашите црева со години

„Камења“ од несварено овошје, коса, па дури и гуми за џвакање може да се кријат во вашите црева со години

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во првиот роман за Хари Потер, професорот Северус Снејп се надева дека ќе го засрами Хари со тоа што ќе го праша за безоари (збир на делумно или воопшто недигестирани материи кои се заробени во гастроинтестиналниот систем). Според Снејп, тоа се камени маси пронајдени во стомакот на коза кои можат да дејствуваат како противотров за повеќето отрови. Подоцна во серијата безоарите се спасот за отруениот Рон Визли.

Името безоар е дериват на персискиот и арапскиот јазик, во превод „противотров“– од каде што веројатно Ј. К. Роулинг добила инспирација. Но, многу читатели на Хари Потер можеби не сфатиле дека безоарите не се само производ на имагинацијата на Роулинг.

И иако е вистина дека тие можат да се најдат во желудникот на козите и другите животни, луѓето исто така  можат да ги развијат - во нивниот стомак, цревата, па дури и душниците.

Безоарите често се каменести по својот изглед и можат да бидат составени од каков било материјал што нема да се вари и апсорбира преку ѕидот на цревата. Како резултат на тоа, материјалот се акумулира во луменот - шупливиот простор на цревата, постепено зголемувајќи се. Потребни се одредени услови за некој да развие безоар.

Видови безоари

Има широк спектар на типови безоар, обично класифицирани според тоа од што се направени. На пример, постојат фитобезоари од растителна основа - бидејќи растителниот материјал главно се состои од целулоза, соединение кое не е сварливо за луѓето. Но, јадењето јапонско јаболко, на пример, може да предизвика диоспиробезоари - подгрупа на фитобезоари предизвикани конкретно од прекумерната потрошувачка на ова овошје. Ваквото овошје е особено богато со танини кои му даваат горчлив вкус, особено кога е незрело - и овие танини се идентификувани како висок ризик за предизвикување безоари.

Многу други материјали може да се развијат во безоари. Овошните и растителните влакна, млекото, лековите и гуми за џвакање може да формираат несварлива маса во желудникот, додека ингестијата на неоргански материјали како хартија и пластика исто така може да предизвика безоари.

Ова е поврзано со состојбата „пика“, која ја опишува желбата за храна што не може да се јаде или оние намирници без хранлива вредност, а е најчеста кај бремените жени.

Безоарите низ вековите


Камените безоари отстранети од животните некогаш биле популарни како колекционерски предмети, главно затоа што се верувало дека лекуваат труење. Тие најверојатно постоеле како колекционерски предмети на Блискиот Исток долго пред нивното пристигнување во средновековна Европа. Во тие денови на кралевите, господарите и трговците – од кои многумина биле опседнати со стравот да не бидат отруени, фрлањето безоар во сад за пиење станало заштитна практика. За жал, резултатот е еднаков на нула.

Денешни безоари

Како и многу камени маси во телото, како што се камењата во жолчката и бубрежните калкули, освен ако безоарите не се пробијат во помали простори каде што можат да се заглават, тие можеби нема да предизвикаат никакви симптоми - и можат да останат скриени со години. Ако безоарите навистина предизвикуваат проблеми, како што се гадење, абдоминална болка и повраќање, па дури и крвавење - тие можат да се отстранат со различни методи. Ако безоарот е доволно мал, може да се отстрани преку ендоскоп - алатка прикачена на камера која може да согледа што има во цревата, за да го извади каменот. Отстранувањето на поголемите безоари може да бара операција.

Еден неинвазивен метод што се користи за лекување на некои безоари, вклучувајќи ги и камењата од јапонското јаболко, е нивно растворање со солени раствори, ензимски препарати и, изненадувачки, „кока-кола“.

Но загрижувачко е тоа што ако овие третмани потенцијално можат да растворат камен, тогаш што би можеле да му направат на стомакот?


Ако сте склони кон безоари или сте загрижени за развој на такво нешто, избегнувајте храна со поголем ризик како што се јапонски јаболка, целер, тиква, сливи и лушпи од семки од сончоглед - и џвакајте ја храната темелно пред да ја голтнете. Избегнувајте несварливи непрехранбени производи, вклучително и коса, и побарајте лекарски совет ако сте загрижени за состојбата пика.

Извор: sciencealert.com

Фото: Freepik