Португалија размислува да дава златни визи за престој во замена за инвестиции во биткоини

Португалија размислува да дава златни визи за престој во замена за инвестиции во биткоини

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Португалија може да стане првата европска земја што ќе им понуди на странците престој во замена за инвестиција направена преку децентрализирана криптовалута како што е биткоинот.

Новата можност ја најави Алесандро Паломбо, извршен директор на „Анбаунд фонд“. Тој тврди дека поседувањето биткоини во вредност од 500.000 евра (542.000 долари) преку фондот може да доведе до престој во Португалија, преку Програмата за златни визи.

- Верувам дека е време да се користи биткоинот како алатка за слобода на движење, на заемно корисен начин со Португалија, земја во која избрав да живеам со моето семејство - истакна Паломбо.

Тој ги смета програмите за европско државјанство преку инвестиција како технички најдобри опции.

Програмата за златни визи на Португалија нуди престој за странци под услов тие финансиски да придонесат за земјата и да исполнат некои специфични барања. Голем број златни визи биле доделени преку опцијата за инвестирање во недвижности, која е меѓу најбараните опции. Меѓутоа, во обид за подобро управување со станбената криза, оваа патека е прекината од владата на Португалија.

Како резултат на тоа, други опции сега се ставени во центарот на вниманието, на пример: инвестиции во истражување и развој, донација за културно наследство, инвестирање во фондови или фондови за ризичен капитал.

Освен тоа, во обид да ги прошират категориите на инвестиции за златна виза, минатиот месец властите во Португалија развија планови за воведување на опцијата „дозволи за престој за социјални инвестиции“. 

Преку оваа опција странците ќе имаат право да добијат жителство преку шемата за престој со инвестиции, со инвестирање во прифатни објекти и инфраструктура и во проекти за интеграција на имигранти.

 

Податоците од португалската служба за имиграција и граници откриваат дека од 2012 до 2023 година биле доделени 12.718 златни визи. Меѓу главните корисници на оваа шема се државјани од Кина, Бразил, САД, Турција и Јужна Африка.

Извор: schengen.news

Фото: Freepik