Научниците се вџашени од тоа колку мраз изгубивме

Научниците се вџашени од тоа колку мраз изгубивме

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Температурите во Арктичкиот Океан помеѓу Канада, Русија и Европа се зголемуваат побрзо отколку што можеа да предвидат климатските модели, се вели во новото истражување кое покажува дека арктичкиот мраз се топи побрзо отколку што се претпоставувало.

Истражувачите откриле дека во текот на изминатите 40 години температурите се зголемувале за еден степен секоја деценија, а уште повеќе во Баренцовото Море и околу архипелагот Свалбард во Норвешка, каде што се зголемиле за 1,5 Целзиусов степен по деценија, во текот на периодот.

- Нашите анализи за состојбите на Арктичкиот Океан покажуваат дека јасно ја потценуваме стапката на зголемување на температурата во атмосферата најблиску до нивото на морето, што на крајот предизвика мразот да исчезне побрзо отколку што очекувавме - вели истражувачот Јенс Хеселбјерг Кристенсен, професор на Институтот „Нилс Бор“ при Универзитетот во Копенхаген и коавтор на истражувањето за природни климатски промени.

Истражувачите ги споредиле тековните температурни промени на Арктикот со климатските флуктуации за кои знаеме, на пример, од Гренланд за време на ледената доба меѓу 120.000 и 11.000 години.

- Наглиот пораст на температурата што сега го доживуваме на Арктикот е забележан само во последната ледена доба. За тоа време анализите на леденото јадро откриле дека температурите над мразот на гренландската ледена прекривка се зголемиле неколку пати, помеѓу 10 и 12 степени за период од 40 до 100 години - вели Кристенсен.

Досега климатските модели предвидуваа дека температурите на Арктикот ќе се зголемуваат бавно и на стабилен начин. Сепак, анализата на истражувачите покажува дека овие промени се движат многу побрзо од очекуваното.

арктик
Фото: Unsplash

- Ги разгледавме климатските модели анализирани и проценети од страна на климатскиот панел на Обединетите нации. Само оние модели засновани врз најлошото сценарио, со најголема емисија на јаглероден диоксид, се приближуваат до она што го покажуваат нашите мерења на температурата во последните 40 години, од 1979 година до денес - вели Кристенсен.

Во иднина мора да има поголем фокус на можноста да се симулира влијанието на нагли климатски промени на Арктикот. Така ќе можеме да создадеме подобри модели што точно можат да предвидат зголемување на температурата.

- Промените се случуваат толку брзо во текот на летните месеци што морскиот мраз веројатно ќе исчезне побрзо отколку што досега предвидувале повеќето климатски модели. Ние мора да продолжиме внимателно да ги набљудуваме температурните промени - вели Кристенсен.

Извор: Weforum.org