Подвижен споменик во Уругвај ќе им оддава почит на жртвите на пандемијата
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
„Гомез Платеро“, фирма за архитектура и урбанистичко планирање што има освоено неколку награди, дизајнира споменик што ќе им оддава почит на жртвите на пандемијата.
Светскиот споменик на пандемијата ќе има форма на кружен диск поставен пред вода. Фирмата со седиште во
Уругвај го создаде дизајнот на споменикот за да ја отслика длабоката љубов кон човештвото.
- Архитектурата е моќна алатка за трансформација на светот. Пред сè, тоа е колективна и историска реалност, направена од мали фрагменти што преживуваат со текот на времето и стануваат дел од културата. Тоа е начин да се покаже кои сме на оваа планета. И спомениците ги означуваат нашите културни и емотивни пресвртници. Со создавање споменик способен да ги активира сетилата и спомените на овој начин може да ги потсетиме нашите посетители дека ние како човечки суштества ѝ сме потчинети на природата, а не обратно - вели директорот на фирмата и водечки архитект, Мартин Гомез Платеро.
До споменикот ќе може да се пристапи од долгата пешачка патека што служи да ги однесе посетителите во различна средина. Оттаму тие ќе можат да застанат на кружната платформа која во центарот е отсечена, овозможувајќи им на брановите од океанот да бидат во центарот. Со својот минималистички дизајн и експанзивен поглед, влијателниот споменик ќе им даде на посетителите чувство за место, овозможувајќи им нивните емоции да го обликуваат нивното искуство.
Дискот ќе биде со дијаметар од 40 метри, со што централниот пресек е со дијаметар од приближно 10 метри. Изработен од кортен-челик (издржлив материјал), ќе има бетонска завршница на самиот ентериер. Светскиот споменик за пандемијата ќе ги следи тековните практики за социјално дистанцирање и ќе може да го посетат 300 посетители истовремено.
Фирмата „Гомез Платеро“ во моментов е во разговори со уругвајската влада за избор на местото каде што ќе биде споменикот.
Извор:
Mymodernmet.com
Фотографии:
Gomezplatero.com