Врз основа на што директорот ќе одлучува кое дете ќе смее да учи од дома? Родители имаат дилеми пред почетокот на учебната година

Врз основа на што директорот ќе одлучува кое дете ќе смее да учи од дома? Родители имаат дилеми пред почетокот на учебната година

Подготвил: Антонија Поповска

Лектор: Ивана Кузманоска

Ќе биде овозможена онлајн-настава поради немедицински причини. Директорот е тој што ќе одлучува кому ќе даде дозвола за учење од дома, но прашање што е нејасно и на кое не добивме одговор од МОН е врз основа на кои критериуми директорот на училиштето ќе одлучува кому ќе даде дозвола за учење на далечина

Големи реакции во јавноста предизвика најавата дека сите ученици од 1 септември ќе мора да се вратат во училишните клупи. Родителите се со поделени мислења - едни коментираат дека едвај чекаат децата да почнат да следат настава со физичко присуство, а други негодуваат со оглед на фактот дека е висок бројот на новозаразени и бројот на смртни случаи како последица на ковид-19.
Факултети.мк ги праша одговорните во Министерството за образование и наука (МОН), врз основа на кои критериуми директорот на училиштето ќе одлучува кое дете смее да следи настава од дома и како МОН очекува да се почитуваат протоколите во однос на физичката дистанца, со оглед на фактот дека во училница од околу 30 квадратни метри ќе има околу 30 ученици. Оттаму ни одговорија:

- На предлог на Министерството за образование и наука, а со одобрување на Комисијата за заразни болести, на 99. седница на Владата е донесена одлука учебната 2021/2022 година да започне со физичко присуство, со полн капацитет, според утврдените и донесени протоколи. Наставата со физичко присуство е најдобрата опција за задоволување на интересите на учениците, влијае врз квалитетот на стекнатите знаења, социјализацијата и психо-физичкиот развој, а воедно тоа е и препорака на УНИЦЕФ како организација која работи на заштита и унапредување на детските права. Исклучоци од оваа одлука може да се однесуваат за деца со ретки болести или попречености, деца кои доаѓаат од семејства со хронично болни, по барање на родителите, како и други немедицински причини со дозвола на училиштето – велат во МОН.



Што сè спаѓа во немедицински причини?

Родители имаат дилеми во однос на овозможувањето онлајн-настава поради немедицински причини. Директорот ќе одлучува кому ќе даде дозвола за следење настава онлајн, но засега е неизвесно кои параметри ќе ги земе предвид кога ќе ги носи овие одлуки.

- Ќе се случи МОН и директорите да си ја префрлаат топката за одлучувањето за немедицински причини. Согласно член 46 од Законот за семејство, родителите имаат право и должност да ги издржуваат своите малолетни деца, да се грижат за нивниот живот и за нивното здравје, да ги подготвуваат за самостоен живот и работа, да се грижат за нивното воспитание, школување и стручно оспособување. Детето има право да биде издржувано од своите родители, да биде згрижено, да биде заштитен неговиот живот и здравје, да биде оспособено за самостоен живот и работа, да му се обезбедат оптимални услови за негово воспитување, школување и стручно оспособување, зависно од условите на семејството. Согласно ова, ако ни биде одбиено барањето за следење настава од дома, директорот и училиштето ќе сносат целосна одговорност ако моето/вашето дете се зарази. Бидејќи согласно овој член, родителот е должен да се грижи за здравјето на детето. Исто така, во случај на зараза, целото лекување и ако има потреба од хоспитализација, треба да биде покриено од страна на училиштето/директорот. Се сомневам дека ќе има директор што ќе стави потпис на такво нешто, бидејќи целата одговорност понатаму би паднала на негов грб, а не на МОН – вели мајка, која е членка на групата „Поддршка за онлајн-настава“.

Од оваа група неодамна испратија и писмо со реакција и барање за овозможување настава на далечина, но надлежните останаа на ставот дека учебната година за сите започнува во училница.
Две алтернативни сценарија

Во МОН повторуваат дека како алтернатива постојат дополнителни две сценарија: преминување на целосно онлајн-настава или примена на комбиниран модел, доколку дојде до промена на епидемиолошката состојба, која постојано се следи.

- МОН постојано упатува апел за доследно почитување на протоколите од сите засегнати страни, со цел наставата со физичко присуство да се одржи колку што е можно подолго – велат оттаму.
Училиштата подготвени за 1 септември
Министерката за образование и наука Мила Царовска вчера имала состанок со директорите на основните училишта. Било заклучено дека училиштата се подготвени за започнување на новата учебна година од 1 септември по новата Концепција и според потребните здравствени протоколи.

- Реформските процеси започнуваат да се спроведуваат во прво и четврто одделение од почетокот на оваа учебна година. Како што веќе сте запознаени, во тек е дистрибуцијата на новите учебници за прво одделение до училиштата, пишувани според новата наставна програма. Навреме ќе бидат достапни и дигиталните материјали за учење за 4. Одделение, кои ќе бидат само уште една алатка во успешното совладување на материјалот. Првпат имаме и навремена испорака на учебниците за преостанатите одделенија што ги побараа училиштата согласно договорите, а се однесуваат на одделенијата кои годинава не се опфатени со реформата - рече Царовска.