Кога сѐ ќе тргне на лошо, сетете се: „Ќе биде онака како што треба да биде“
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Среќата не е отсуство на проблеми, туку способност да се соочиме со нив. Замислете само колку убави работи вашиот ум би можел да прифати кога не би бил толку насочен кон борбата со проблемите. Секогаш гледајте на она што го имате наместо на она што сте го изгубиле. Не е важно што ви одзел животот, туку што ќе направите со она што ви останало.
1. Болката е дел од процесот на растење
Понекогаш животот затвора врати бидејќи е потребно да тргнеме напред. И тоа е добра работа бидејќи често не сакаме да тргнеме додека околностите не нѐ присилат на тоа. Кога времињата се тешки, сетете се дека ниту една болка не доаѓа без своја цел.
Оттргнете се од она што боли, но никогаш не заборавајте на што ве научило тоа. Само затоа што се борите, не значи дека сте неуспешни. Секој голем успех бара одреден вид добра борба за да дојдеме до него. За добри работи е потребно време. Бидете трпеливи и позитивни. Сѐ ќе биде во ред, ако не веднаш, тогаш кога ќе дојде време.
Постојат два вида болка - онаа што ве боли и онаа што ве менува.
2. Сѐ во животот е минливо
Секојпат кога паѓа дожд, по одредено време престанува. Секојпат кога ве боли, вие се лекувате. По темнината доаѓа светлина. Секое утро нѐ потсетува на тоа, но често забораваме и наместо тоа, веруваме дека ноќта ќе трае вечно. Нема. Ништо во овој свет не трае вечно.
Затоа, ако сега е сѐ во ред, уживајте во тоа. Нема да трае вечно. Ако работите тргнат на лошо, не се грижете бидејќи ни тоа нема да трае вечно. Само затоа што животот не е лесен, не значи дека не можете да се смеете. Само затоа што нешто ве мачи, не значи дека не можете да се смеете. Секој момент ви нуди нов почеток и нов крај. Секоја секунда добивате нова можност. Само треба да ја прифатите и со неа да направите најдобро што можете.
3. Загриженоста и жалењето не менуваат ништо
Оние што се грижат најмалку постигнуваат. Секогаш е подобро да се обидете да направите нешто големо и да не успеете отколку да не се обидете ништо. Не е завршено ако сте изгубиле, завршено е кога не правите ништо и поради тоа жалите. Ако во нешто верувате, продолжете да се обидувате. Не дозволувајте сенките од минатото да ја затемнат вратата од вашата иднина. Ако денес жалиме за вчера, тоа нема да го подобри нашето утре. Наместо тоа, преземете нешто. Нека она што сте го научиле го унапреди вашиот живот. Направете промени.
4. Вашите рани се симбол на вашата сила
Не срамете се од раните што ви ги направил животот. Раните значат дека болката престанала и дека раната е затворена. Раните значат дека сте ја совладале болката, сте ја научиле лекцијата и продолжувате понатаму. Раната е тетоважа на триумфот; бидете горди на неа. Не дозволувајте раните да ве држат како заложник. Не дозволувајте да ве натераат да го живеете својот живот во страв. Поетот Руми еднаш рекол: „Раната е местото каде што во вас влегува животот“.
5. Секоја борба е чекор напред
Во животот трпението не е работа на чекање, тоа е способност на задржување на добриот став додека напорно работиме на нашите соништа, знаејќи дека работата е вредна за тоа. Затоа, ако одлучите да се обидете, вложете го времето и одете докрај. Во спротивно, нема смисла ни да почнувате. Тоа може да значи дека во животот на некое време ќе ги изгубите стабилноста и удобноста, а понекогаш и умот. Тоа може да значи дека нема да спиете онаму каде што сте се навикнале, некое време. Сето тоа е тест на вашата личност, колку навистина нешто сакате.
6. Негативноста на другите луѓе не е ваш проблем
Бидете позитивни кога негативноста ќе ве опкружи. Смејте се кога другите луѓе сакаат да ве растажат. Тоа е лесен начин на кој можете да ги задржите вашиот ентузијазам и фокус. Кога луѓето лошо ќе се однесуваат кон вас, продолжете да бидете она што сте. Немојте никогаш да дозволите нечија огорченост да ве промени. Немојте да си ги сфаќате работите лично, дури и кога се чинат такви.
Немојте да се менувате за да импресионирате некој што вели дека не сте доволно добри. Менувајте се бидејќи тоа ве прави подобра личност и затоа што ве води кон подобра иднина. Луѓето ќе ве озборуваат без оглед на тоа што правите и колку добро го правите тоа.
7. Ќе биде онака како што треба да биде
Вистинската сила доаѓа кога имате многу причини за плачење и жалење, но наместо тоа, ја избирате насмевката и го цените вашиот живот. Во секоја борба со која се соочуваме се крие некој благослов, но за да го видите, потребно е да имате отворени срце и ум. Не можете да присилите да се случат работите. Можете само да полудите обидувајќи се.
Да го сакате животот значи да ѝ верувате на вашата интуиција, да ризикувате, да губите и да ја пронаоѓате среќата, да ги цените сеќавањата и да учите од искуството.
8. Најдоброто што можете да го направите е да продолжите понатаму
Немојте да се плашите да станете и повторно да застанете на нозе. Немојте да се плашите повторно да сакате. Не дозволувајте пукнатините во вашето срце да се претворат во скаменети рани. Пронајдете храброст. Пронајдете во вашето срце желба да ги насмеете другите. Сетете се дека не ви се потребни многу луѓе во животот, само неколку прекрасни.
Сетете се дека вселената секогаш го прави она што е правилно. Препознајте кога не сте во право и научете од тоа. Не држете се прецврсто за вашата идеја во животот.
Секогаш насочете се и погледнете колку сте пораснале и бидете горди на себеси поради тоа. Немојте да се менувате поради другите, освен ако тоа не го сакате.
Дајте повеќе.