Хидропоника е метод на одгледување растенија во вода збогатена со хранливи материи наместо во почва. Растенијата се поздрави и имаат побрз развој, вели Емилија Поп Глигорова, наставничка по биологија
Одгледуваат љубичици во вода, произведуваат органски зеленчук и разни растенија, а преку тоа учат како да ја заштитуваат природната средина, што се обновливи извори на енергија, ја совладуваат биологијата практично, преку експерименти. И најважно од сè, тоа го прават тимски, заедно.
Основците од кумановското училиште „Крсте Мисирков“ имаат несекојдневна можност преку проектот „Изработка на хидропонична градина“, кој доби поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој во рамките на повикот „Предизвик за млади истражувачи“, да експериментираат, набљудуваат, да заклучуваат или да побиваат хипотези...
Емилија Поп Глигорова (лево) со учениците
Ментор им е наставничката по биологија Емилија Поп Глигорова, а вклучени се ученици од 8. и 9. одделение. Таа објаснува дека хидропоничната градина е сместена во холот на училиштето, лесно е достапна и учениците можат да експериментираат. Според Поп Глигорова, конструкцијата на хидропоничен систем се состои од ПВЦ-цевки со отвори во кои се сместуваат растенијата, резервоар со хранлив раствор (микро и макроелементи), водна и воздушна пумпа кои се контролирани од енергија што ја произведува соларен панел.
Хидропоничниот систем
- Хидропоника е метод на одгледување растенија во вода збогатена со хранливи материи наместо во почва. Растенијата се поздрави и имаат побрз развој. Се користи енергијата од соларен панел за светлина со тајмер за постојано осветлување, која дава спектар на бои кои се важни за фотосинтеза. Растенија се сместуваат во посебни чашки со хидратон глинени пелети. Претходно во собни кутии поставуваме семиња и кога ќе достигнат големина на стебло, ги префрламе во системот. Така добиваме целосен преглед на растението од неговиот корен до неговите стебла, листови и цветови. Растенијата добиени со овој метод можат да бидат користени за лабораториски експерименти и истражувања за да се докаже дека тие што се засадени со хидропоничниот систем се попродуктивни и имаат подобри карактеристики бидејќи се во контролирана средина. Целиот систем е поставен во кутија grow box која има рефлектирачка фолија за целосно осветлување и простор на растението важен во процесот на растење - објаснува Поп Глигорова.
Каква предност имаат овие растенија?
Еден од најголемите глобални проблеми денес е уништувањето на живеалиштата на голем број организми. Рапидното зголемување на популацијата предизвикува недостиг на слободно место за растителни култури. Според Поп Глигорова, традиционалниот метод за садење растителни култури бара интензивни методи за работа - обработување на земјишта, секојдневно полевање, користење пестициди што се штетни за културите.
- Придобивката од растечките хидропонични растенија е што хранливите материи во водата можат да бидат целосно контролирани. Растението добива точна количина хранливи материи во одредено време. Друга придобивка од хидропониката е што функционира во области каде што почвите не се погодни за земјоделство, во области каде што нема почва - објаснува Поп Глигорова.
Учениците собираат податоци
Растенија што се одгледуваат со овој метод имаат почисти, понежни, потранспарентни листови, здрави корени и даваат поголеми приноси задржувајќи ги особините на тој вид. Нечистотиите и бактериите од почвата се елиминирани и на овој начин се издвојуваат идеални култури од растенија.
- Експериментиравме со видот Viola spp.- љубичица. Забележавме дека растенијата растат поголеми, имаат задоволителна лисна основа и боја, формираат цвет. Докажавме дека растенијата со системот на хидропоника веројатно би растеле побргу, би биле поздрави и поголеми во споредба со оние одгледувани во почва. Одгледувачот би имал поголема контрола над хранливите материи што му се потребни на растението - објаснува Поп Глигорова.
Следни на списокот за експериментирање им се: рузмарин, жалфија, орхидеја и роза. Кога аплицирале во ФИТР, сакале да ги поттикнат и другите училишта да работат на идеи креирани од учениците. Поп Глигорова вели дека при осмислувањето на проектот посебен акцент ставиле на почитување на предзнаењата, желбите, интересите и способностите на учениците.
- Спроведовме работилница за запознавање со хидропоника како начин на одгледување растенија. Учениците се рамноправни учесници во проектот. Идејата е низ истражувачка и практична настава континуирано да се промовира индивидуален и групен пристап кон решавање сложени задачи. Тимови од ученици го следат процесот и директно работат во хидропоничната градина секој ден. Запишуваат резултати во дневно-неделен извештај за хидропоника (табела со податоци). Тимовите ги следат промените што се случуваат кај растенијата и ги контролираат условите за подобро да се развиваат - вели Поп Глигорова.
Сами произведуваат компост
Од проектот има повеќе придобивки. Се продлабочува и објаснува делот од наставната програма, учениците преку експериментална работа се соочуваат со поинаков пристап во учењето на предметот биологија, развиваат креативно, иновативно и критичко размислување.Часовите по биологија стануваат сè поинтересни, се вклучуваат поголем број ученици во тимови, истражуваат, анализираат, даваат свои хипотези и заклучоци.
Ова училиште со проектот „Паметна училишна градина“ е дел и од програмата за социјално претприемништво АПШИФТ, поддржана од ФИТР, УНИЦЕФ, Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и ЦЕЕД Македонија.
Повторно под менторство на Поп Глигорова, со идеја да придонесат во будењето на еколошката свест, градината ја поставиле во зафрлен и сосема неискористен дел од училиштето.
Паметната градина во школскиот двор
- Успеавме да покажеме дека можеме да ја подобриме нашата училишна средина. Одгледуваме зачински билки, марула, рукола, спанаќ, нане, жалфија и други - вели Поп Глигорова.
Поставуваат градинарски кревети во кои ги садат садниците, кои претходно ги развиваат во контејнери за семиња. Поставуваат сензори за влажност на почвата поврзани со ардуино систем кој го вклучува системот за наводнување на принцип капка по капка. Системот за наводнување е поврзан со резервоар преку кој се наводнуваат културите, а во дел се собира и дождовница, која исто така се користи. Целото осветлување е од соларен панел, а се контролира и температурата на воздухот во градината, која е затворена со лексан плочи и метална конструкција со делови за проветрување. Околу градината има компостери во кои сами произведуваат компост за збогатување на почвата. Компостот се создава од околните растителни отпадоци и остатоци од ужините на учениците за време на одморите.
Проектите имаат одлично влијание врз учениците
Според Поп Глигорова, училишното градинарство е одлична алатка за промовирање, разбирање и имплементација на одржливиот развој и се фокусира на одржливо земјоделство и здрави навики.
- Им помага на децата да ги развиваат своите сетила поврзани со храната, особено вкусот и мирисот, како и способноста да го препознаат квалитетот на производите што ги купуваат и јадат. Ги учи за разновидноста на зеленчук, овошје, билки и храна воопшто и важноста за добра исхрана од широк спектар на храна, особено растенија, за нивното здравје, благосостојба и уживање. За време на отворените денови на училиштето и на Светскиот ден на храна ги презентираме нашите резултати и во соработка со локалната заедница и земјоделците разменуваме искуства како да ги подобриме условите и приносите. Така нашите култури ќе бидат поздрави, без адитиви и додатоци и ќе ги задоволат условите на комплетно органско производство - вели Поп Глигорова.
Учат добра комуникација, способност за работа во тим, чувство на заедница
Според неа, овие воннаставни активности се многу важни за училиштето, за наставниците и за учениците. Заедничките активности во кои се вклучени ученици од различна етничка припадност и со различни индивидуални способности се ефикасен начин да покажат дека сите имаат вештини и способности да градат позитивна слика за себе и за училиштето.
- Во редовниот образовен процес има недостиг од истражувачки активности и проекти. На овој начин сакаме да ги поттикнеме и другите предучилишни установи и училишта да создадат вакви градини. Сите подобро учиме преку разновидни активности. Училишната градина им нуди можност на учениците да научат важни работи - добра комуникација, способност за работа во тим, чувство на заедница, почитување на другите и нивното мислење, вештина на набљудување, отвореност, љубопитност, критичко размислување, трпеливост и флексибилност - вели Поп Глигорова.