Медалот стигна, но нема кој да го прими. Како младите таленти си заминуваат од Македонија

Медалот стигна, но нема кој да го прими. Како младите таленти си заминуваат од Македонија

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Добитникот на бронзениот медал, надежниот млад научник Александар Трајковски, веќе е во Љубљана, каде што ги почна студиите во прва година на Факултетот за хемија и технологија. Тој е еден од многуте што си заминуваат. Заминувањето и на еден талент е непроценлива штета за државата

Системот ги дроби своите најубави дијаманти, коментираат деновиве професорите на Институтот за хемија откако на адресата им пристигна бронзен медал, а нема кој да го прими. Добитникот, надежниот млад научник Александар Трајковски, веќе е во Љубљана, каде што ги почна студиите во прва година на Факултетот за хемија и технологија. До последен ден се мислел дали да остане да студира во Скопје или да замине во Словенија. Случајот со Александар отвора многу важна тема - колку талентирани ученици си заминале од Македонија, постои ли евиденција, како да го спречиме одливот на мозоци?

Низа случајности придонеле за конечната одлуката на матурантот од средното училиште „Крсте П. Мисирков“ од Демир Хисар, кој летово освои бронзени медали на Меѓународната хемиска олимпијада „Менделеев“ и на 52. Меѓународна олимпијада по хемија (IChO). Втората е акредитирана од нашето Министерство за образование и наука и според Законот за средно образование (член 24-б, став 3 и 4), ученикот-медалист (и наставникот кој го подготвувал) добиваат по 8.000 денари месечно за освоен бронзен медал во период од 12 месеци. За доделување на паричната награда МОН објавува јавен повик еднаш во годината.



Повикот бил објавен на интернет-страницата на МОН пролетва, а траел до 31 август. Натпреварите на кои Трајковски ги освои медалите се одвиваа во текот на јули. Токму во тој период беше хакирана интернет-страницата на МОН, а министер за образование и наука во заминување беше Арбер Адеми. По неколкудневната блокада, МОН лансира нова интернет-страница, но на неа не биле прикачени сите документи и тековни огласи.

- Не знаевме дека конкурсот за доделување награда е веќе распишан. Од постари ученици, со кои бев на минатогодишната олимпијада, знаев дека се доделува награда од овој тип и тогаш му се обратив на проф. Буклески за информација. Не го најдовме конкурсот на интернет-страницата на МОН, па професорот вети дека ќе стапи во контакт со нив - објаснува Александар.

Сплет на околности

Проф. д-р Миха Буклески од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје и годинава беше ментор на младите олимпијци. Тој објаснува дека по завршувањето на олимпијадата и освојувањето на бронзениот медал не можеле да го најдат јавниот повик на страницата на МОН за да може Александар да конкурира за заслужената награда. Тој лично не планирал да конкурира зашто законот предвидува награди само за ментори-наставници вработени во средни училишта, а не и за ментори вработени на високообразовна установа.

- Интернет-страницата на МОН не беше во функција определен период, а потоа и сите конкурси што беа активни за време и по нефункционирањето не беа и не се достапни. На 25 август се обратив до раководителот и заменик-раководителот на секторот за средно образование, но не добив одговор во врска со конкурсот. Во меѓувреме дознавме дека конкурсот завршил на 31 август - објаснува тој.


Нашиот тим на IChO2019 - проф. д-р Миха Буклески (прв од десно кон лево)

Во МОН веќе се смени раководниот кадар, ресорот го презеде актуелната министерка Мила Царовска. Прашавме дали постои начин да му се излезе во пресрет на Трајковски, иако рокот за пријавување поминал. Од МОН ни одговорија:

- Учениците и наставниците од средните училишта имаа можност најдоцна до 31 август да се пријават на Конкурсот за доделување парична награда за освоено прво, второ или трето место на меѓународен натпревар од областа на математиката и природните науки. На сите ученици и наставници што уредно аплицирале во овој рок, а ги исполнуваат условите од јавниот повик, ќе им биде доделена паричната награда.

Во меѓувреме Александар конкурирал на Факултетот за хемија и технологија на Универзитетот во Љубљана и на Институтот за хемија при ПМФ во Скопје. Го примиле на двата факултета. На почетокот од септември помина првиот уписен рок во Скопје, а Александар сè уште ја немаше донесено конечната одлука.
- Од една страна, исправен сум пред предизвикот за студирање на престижен универзитет кој нуди поволни услови за студентите, пристојни студентски домови и студентски живот, современи, нови и модерни лаборатории. Од друга страна, тука е можноста за студирање на мајчин јазик во својата земја каде што условите можеби не се идеални, но сепак има други поволности - наставниот кадар, пред сè, како ентузијасти кои несебично се залагаа да го прошират нашето хемиско знаење, познатата околина (долготрајните подготовки на Институтот за хемија во предавалните, лабораториите, како и дружењето во библиотеката, холовите, ботаничката градина) итн. - рече тогаш Александар.

„Ми пречи односот на МОН кон науката и високото образование“

На прашањето каква перспектива гледа во Македонија, што би го задржало да остане и да работи тука, а што му пречи во нашата земја, Александар вели:
- Она што во моментов ми пречи е односот на МОН кон науката и високото образование. Но, исто така, тука и е односот кон талентираните ученици и неможноста да се одговори на потребите за нивно финансирање при учество на натпревари. Овие неколку години бев сведок на напорите и проблемите што ги имаа професорите за да обезбедат финансии за нашето учество на IChO. Сметам дека тоа треба да биде задача на надлежните институции, а не да претставува проблем за учениците. Во особено лоша состојба се и студентските лаборатории и потребна им е итна поправка за да може студентите да имаат достојни услови за работа. На таков начин сметам дека ќе се создаде поволна состојба за развој на науката каде што би сакал во иднина и јас да дадам свој придонес.


Лабораториите на Институтот за хемија каде што вежбаат учениците и студентите

Сиве овие нешта веројатно придонесоа Александар да реши да студира во Словенија. Буклески вели дека на овој начин Македонија ги губи драгоцените таленти што имаат капацитет да го наследат актуелниот професорски кадар, кој старее. Уште малку, нема да може да се спречи овој процес на Институтот за хемија.

- Со оглед на тоа што интернет-страницата на МОН беше недостапна во текот на времетраењето на конкурсот, а земајќи ја предвид и неажурноста на вработените, најмалку што би можело да се направи е да се продолжи неговата важност до крајот на годината или да биде од карактерот на „отворени конкурси“. Така би можеле да аплицираат и потенцијалните добитници на медали од сè уште неодржаните олимпијади во 2020 година - вели Буклески.

Називот на повикот е „Јавен повик за доделување парична награда за освоен златен, сребрен или бронзен медал на една од 13-те меѓународни научни олимпијади...“. Освојувачите на медали од нашата држава може да се избројат на прсти, а на дел од овие олимпијади воопшто нема учесници од нашата држава. Временскиот интервал на нивно одржување е од мај до декември.

- Би било логично и конкурсот да биде во овој период. Се разбира, во иднина би очекувале измени во Законот за средно образование според кои ќе се исправат нерегуларностите кои сметаме дека ги оневозможуваат вистинските ментори, организации и друштва кои ги подготвуваат учениците да стигнат до наградите - вели Буклески.


Медалот за Александар Трајковски што деновиве пристигнал на Институтот за хемија

Проф. д-р Љупчо Кеверески е раководител на програмата за втор и трет циклус постдипломски студии од областа Образование на надарените и талентираните на Педагошкиот факултет во Битола. Тој долго време ги следи состојбите и вели дека одливот на мозоци е индикатор за капацитативната (не)моќ на државите.

- Миграцијата е еден од најнепредвидливите популациски феномени, од која се обликува еден „нов експанзивен“ интензитет на миграциско движење кое се нарекува одлив на мозоци (brain drain), како специфично структуриран фокус кој се однесува на високообразовани стручњаци-експерти во различни научни области. Светот во кој живееме продуцира „нови (не)природни феномени“ кои создаваат нова визуализација на нашето современие. Потрага по нов свет и нова иднина, односно менувањето на просторот не е повеќе тренд, туку иманентна потреба. Всушност, одливот на мозоци го гледаме како валидна верификација на немоќта на секоја земја - дециден е Кеверески.

Проф. Кеверески: Заминувањето и на еден талент е непроценлива штета за државата


Тој додава дека Светска банка и „Евростат“ имаат поразителни бројки за „бегството“ од Македонија. Според извештајот на Светска банка, Македонија е рангирана на 23. место во групата од 25 земји со најмногу емигранти.

- Меѓународни истражувања на САД и Светска банка покажуваат уште повџашувачки податоци - дека до 2030 година Македонија ќе има одвај 1.800.000 жители. Европскиот институт за статистика „Евростат“ пред околу половина година излезе со податок дека државата ја напуштиле 230 илјади претежно млади луѓе - вели Кеверески.

Тој ги цитира најновите податоци на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) кои покажуваат дека само за една година (2016) државата ја напуштиле најмалку 20.562, што е рекордна бројка на иселени луѓе во последните 15 години. Светска банка објави дека до 2010 година од Македонија се отселиле 447 илјади граѓани, со тоа македонската дијаспора брои 544 илјади луѓе. Светскиот економски форум објави резултати кои покажуваат дека од Македонија се иселиле 1/5 од вкупното население или 520 илјади луѓе, што формира околу 21% .
- Напуштањето на земјата и од страна на еден талент е непроценлива штета. Сè друго се обични бројки. Од перспектива на младите, напуштањето на државата не е веќе проблем, туку решение. Направивме интернационално истражување во нашата земја, Србија и во Словенија. Ова се причините што ги наведуваат младите луѓе: неостварена желба, билет во еден правец, избор без избор, неостварен сон, моја следна дестинација, моја конечна одлука... Наведените примери говорат за суштинската слика на индивидуалната перцепција на перспективите во нашиот амбиент кога се има предвид развојот на талентите - дециден е Кеверески.


Проф. д-р Љупчо Кеверески

Според него, задржувањето на младите во државата (а помеѓу нив и талентите) е дискутабилно прашање. Проблемот потешко се решава со закон, стратегија, одлуки. Потребно е да се создадат услови, претпоставки, перспективи, можности кои ќе ги почувствуваат сите, особено тие што размислуваат да си заминат. Кеверески вели дека е неопходно да се создаде култ кон квалитетот и максимално почитување на индивидуалните вредности на секој поединец.

- Тоа е основата за целта што сакаме да ја оствариме. А државата, соодветните институции да градат, зајакнуваат и промовираат адекватни мотивациски механизми за да ги инспирираат поединците да останат во својата држава - вели Кеверески.

Тој додава дека е неопходно сите да го промениме пристапот кон вистинската аргументација за одливот на мозоци. Новата парадигма во која живееме говори дека причините треба да се персонализираат низ личните мотивациски динамизми кои го активираат процесот на напуштање на сопствената земја. Неопходен ни е развој и демонстрирање на високо ниво на општествена, институционална и индивидуална емпатија за потребите и развојот на талентите.
- Силата на емпатија кон надарените, талентираните и креативните ги зајакнува внатрешните мотивациски механизми при носењето одлука за напуштање на државата. На крајот преостанува констатацијата дека државата и институциите треба да го реорганизираат односот кон секој поединец, особено кон своите надарени, талентирани и креативни граѓани кои се принудени своите потенцијали да ги (про)дадат надвор од својата земја - дециден е Кеверески.