„На мени имаме скиснат јогурт и живо месо, ни влегуваат по соби без дозвола и ни ги гасат лифтовите“ - студенти од „Гоце Делчев“ се жалат на условите во домот
Подготвил:
Никола Петровски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Скиснат јогурт за појадок и вечера, исклучени лифтови, исклучени решоа и фрижидери, влегување без дозвола во собите и проверување дали се користи греалка, се само дел од нештата на кои ни се пожалија студенти што живеат во студентскиот дом „Гоце Делчев“.
Како резултат на енергетската криза, која се очекува да се интензивира претстојнава зима, во домот се истакнати мерки за штедење струја во вид на правилник. Тука спаѓаат мерки од типот дека температурата во собата не треба да надмине над 20 степени и дека се забранува користење на сопствени грејни тела, како и дека ќе се исклучуваат фрижидерите и шпоретите во студентските соби.
Студентите сметаат дека спроведувањето на овие мерки излегува од контрола и дека квалитетот на нивното домување е сериозно нарушен, па немаат основни услови за живеење.
- Лифтовите се нонстоп расипани, решоата и фрижидерите ни ги исклучија, забрането е да користиме секакви апарати во собата, па дури и за пегла прават проблем. Деновиве шетаат по соби и проверуваат низ нашите шкафови и под кревети дали криеме греалка, а ако нема никој во собата, сами си влегуваат. Интернет нема, а прават проблеми и рутер да имаш ставено - ни раскажа еден студент.
- Блок а и Блок б имаат 2 решоа и еден малечок фрижидер. Месечната станарина што ја плаќаме вклучува нивно користење, но тие се исклучени во двата блока - сподели една студентка.
Студентите алармираат и за квалитетот на исхраната во мензата. Некои од нив посочија дека се служи недоволно зготвено месо, особено кога има поголем метеж во мензата, а за појадок или вечера во неколку наврати имале скиснат јогурт.
- Јадењето е катастрофа! За ручек не можам да се пожалам зашто 90 отсто од времето е во ред, освен што количински е малку, ама за појадок и вечера како мајтап да си прават со нас. Вчера и денес дури и скиснат јогурт ни даваа. Ужина имавме, но сега ја нема. Кој стигнал зел вечера, кој не, што останало. Месото многу пати е живо, особено кога има метеж - додава еден студент.
Слика од храната што им се сервира на студентите, а ни ја испрати еден од нив
Во сандачето ни стигнаа пораки и дека вчера снемало леб и иста вечера за сите, па студентите се чудат како е можно менаџментот да не знае колку студенти има во домот, па се случува тоа. Велат дека откако имало реакции, утринава од домот се пофалиле со богатиот појадок на стори на „Инстаграм“. На фотографијата може да се видат повеќе порции пржени јајца.
- Појадокот не изгледа вака секој ден, некогаш ни даваат само супа или нарезок или сардина - пишуваат студентите.
Тие се разочарани и сметаат дека ова не се услови кои треба да ѝ се понудат на иднината на земјата.
- Нема парно, лифтовите не работат, храна премалку. Не е дозволено да имаш електрично ѓезве, пегла, решо, исклучени се фрижидерите. Се прават проверки и дозволено е портирите да влегуваат во собите без наше присуство и да пребаруваат низ нашите работи со цел да најдат греалки. Не смееме да имаме греалки, а се мрзнеме. Вчера во 19:30 еден студент јадеше една зденка и едно јајце. Жално, а ние треба да сме иднината - изреагира еден студент.
- И што е најжално, на студентите им забрануваат грејни тела и решоа, а вработените во домот си користат - вели револтиран студент.
Со оглед на тоа што доаѓаат студени зимски денови, прашањето е како студентите ќе ја издржат сезоната со овие мерки за штедење. Засега лифтовите работат во ограничен период од денот, а некои студенти алудираат дека и користењето на пералниците е станато луксуз.
- Друг проблем е со пералниците. За да испереш алишта ти требаат три потписи, а тебе месечно ти следуваат две перења, а третото треба да си го платиш. И тоа не е сѐ, има правилник, грејни тела не смеат да се користат, пегли за алишта исто така. Лифтовите имаат ограничено време кога работат, односно работни денови од 7:00 до 20:00, а викенд од 16:00 до 22:00. Ако му се слоши на некој од погорните катови, не дај боже, не знам како ќе се симне - вели студент.