Дали машините, како и луѓето, можат да гледаат лица во неживи предмети?
Во 1994 година дизајнерката на накит Дијана Дајсер од Флорида открила нешто за кое верувала дека е сликата на Богородица во тост-сендвич со сирење - жената го чувала тостот и подоцна го продала на аукција за 28.000 долари. Приказната станала вирална, но истражувачите од Лабораторијата за компјутерски науки и вештачка интелигенција на МИТ (ЦСАИЛ) биле заинтересирани за нешто друго: колку всушност ја разбираме пареидолијата - психолошкиот феномен на препознавање познати обрасци како црти од лица во апстрактни предмети, како облаци, колачи или карпи.
Тие го истражувале овој феномен користејќи база на податоци од 5.000 пареидолични слики и откриле изненадувачки разлики помеѓу перцепцијата на човекот и машината. Тие ги опишале своите набљудувања во трудот презентиран на Европската конференција за компјутерска визија.
Се чини дека моделите со вештачка интелигенција не препознаваат пареидолични лица како луѓето - тие стануваат значително подобри во откривањето пареидолични лица само откако алгоритамот ќе биде обучен да препознава лица на животни. Оваа неочекувана врска, велат истражувачите, укажува на можна еволутивна врска помеѓу нашата способност да ги перципираме животинските лица, што е клучно за опстанокот, и нашата тенденција да гледаме лица во неживи предмети.
Но, истражувачите заклучиле нешто друго: се чини дека постои одреден опсег на визуелна сложеност, каде што и луѓето и машините најверојатно ќе ги перцепираат лицата во неживи објекти. Ако е премногу едноставно, нема доволно детали за обликување на лицето; ако е премногу сложено, станува визуелен шум. Истражувачите развиле и равенка која моделира како луѓето и алгоритмите откриваат илузорни лица и ја потврдиле нејзината точност, преку тестови со вистински човечки субјекти и системи за откривање лица со вештачка интелигенција.
Новиот сет на податоци „Лица во нештата“ ги надминува сите претходни студии што обично користеле само 20-30 стимули. Ова им овозможило на истражувачите да истражат како функционираат алгоритмите за откривање лица, по нагодување на пареидолните лица. Се покажало дека овие алгоритми можат да дејствуваат како замена за нашиот мозок и да одговорат на прашања за потеклото на пареидоличното откривање лица, кои е невозможно да се постават на луѓето.
Со помош на резултатите од оваа студија, велат нејзините автори, системите за откривање лице би можеле да се подобрат со намалување на лажните позитивни одговори. Ова би ја подобрило прецизноста на самоуправувачките автомобили, но и интеракцијата помеѓу луѓето и компјутерите и роботиката воопшто.
Извор: bug.hr
Фото: MIT CSAIL