Гледањето вистинска уметност во музеите го стимулира мозокот многу повеќе од копиите
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Љубителите на уметноста патуваат до многу далечни места за да ги видат своите омилени слики во живо. Секако дека ги виделе овие дела десетици пати на интернет или во книги, но кога ги гледаат во живо, чувството е сосема поинакво.
Научниците што работат во музејот „Маурицхејс“ во Хаг, дом на „Девојката со бисерна обетка“ на Јоханес Вермер, откриле дека навистина постои нешто посебно во тоа.
Истражувањето откри дека мозокот се стимулира на начин кој е десетпати посилен кога луѓето посетуваат музеј и гледаат уметност лично отколку кога гледаат репродукција или копија, на пример, разгледница или постер. Истражувачите користеле технологија за следење очи и скенирање со МРИ за да ја снимат активноста на мозокот на група од 20 волонтери кои ги гледале вистинските уметнички дела и нивните репродукции, без разлика дали се во продавницата на музејот или се појавиле како слика.
- Кога ја гледате вистинската работа, станувате ментално побогати, без оглед дали сте свесни за тоа или не, бидејќи создавате врски во вашиот мозок - вели Мартин Госелинк, директор на „Маурицхејс“.
За истражувањето, 20 волонтери на возраст помеѓу 21 и 65 години имале прикачен мозочен скенер за електроенцефалограм и опрема за следење на очите. Од нив било побарано да погледнат пет уметнички дела во музејот, но и неколку репродукции. Вистинските слики предизвикале интензивен позитивен одговор во прекунеусот, дел од мозокот поврзан со свеста, саморефлексијата и личните спомени. Од сите набљудувани слики, познатата слика „Девојката со бисерна обетка“ предизвикала најсилни реакции во мозокот на волонтерите.
- Ја гледате во очите, потоа во устата, па во бисерот. А потоа повторно ја гледате во устата, очите, бисерот. И продолжувате да гледате. Зошто не можете да го тргнете погледот од неа? Луѓето природно се фокусирани на лица. Кога гледате во нечие лице, дури и ако станува збор за фотографија, вашиот мозок автоматски се обидува да ги дешифрира емоциите на таа личност. Така одредувате дали некој е безбеден или не - пишува во соопштението од музејот.
Извор:
Mymodernmet.com
Фото: Wikimedia Commons