Расфрлањето дијаманти по небото може да ја излади планетата, но по која цена?

Расфрлањето дијаманти по небото може да ја излади планетата, но по која цена?

Подготвил: Маја Пероска

Што би се случило ако некој здроби еден куп дијаманти и ги претвори во прашкаст материјал, па ги насочи кон стратосферата и ги расфрла таму за да ја излади планетата? Климатолозите од „ETХ Цирих“ се осврнале на оваа можност во теорија. Имено, тие пресметале кои материјали би биле најпогодни за методот на глобално ладење со вбризгување на аеросоли во стратосферата.

Предностите и недостатоците на сулфурот

Научниците со децении дебатираат дали замаглувањето на атмосферата со рефлектирачки честички може да создаде доволно сенка за да се спротивстави на затоплувачките ефекти од вишокот стакленички гасови. Од сите опции, најмногу внимание посветиле на сулфур диоксидот, главно затоа што SO2 е доминантно присутен во вулканските емисии, што им овозможило на истражувачите да спроведат серија природни експерименти.

Испуштањето десетици милиони тони гас во атмосферата, најверојатно ќе ја намали просечната глобална температура за неколку степени, но можеби нема да ни се допаднат несаканите ефекти од таквата операција: осиромашување на озонот, затоплување на стратосферата и враќање на киселиот дожд се само некои од можните последици кои треба да ги разгледаме. Швајцарските истражувачи сега на таа листа ги додаваат сомнителните физички квалитети на сулфурните честички како рефлективен материјал.

Тие објавиле климатски модели, каде што ги инкорпорирале движењето, термодинамиката и хемијата на седум хипотетички аеросоли, а потоа ја рангирале соодветноста на кандидатите, во однос на апсорпција на топлина, реактивност и рефлексија.

Еден главен и често занемарен фактор е тенденцијата честичките да се собираат или таложат додека лебдат, велат истражувачите. Честичките кои пребрзо се таложат може да се покажат неефикасни во расфрлањето доволно сончева светлина за да се излади планетата. Честичките кои премногу лесно се собираат може да ја заробат топлината, загревајќи ја стратосферата на начини кои го менуваат протокот на воздух или задржувањето на влагата.

Изгледа дека во конкуренција на два различни типа на титаниум диоксид, алуминиум оксид, калцит, силициум карбид и сулфур диоксид, најдобри резултати би се постигнале со расфрлање дијаманти. Пет милиони тони прашкасти дијамантски честички со ширина од 150 нанометри, пресметале тие, би биле доволни за да се постигне саканото ладење на планетата. Не само што секоја дијамантска честичка би останала во воздухот доволно долго за да ја заврши својата работа, туку нема да се здружи или да реагира со друга, за да произведат токсични материи како што е киселиот дожд.

Од друга страна, единственото нешто што функционирало полошо од сулфурните честички бил рутилот, форма на титаниум диоксид што не обезбедува никакви придобивки за ладење. Но, SO2 има цена: околу 250 долари по мегатон, аеросолот на база на сулфур е далеку поевтина опција од дијамантската прашина од 600.000 долари по мегатон, што брзо би ја создало вкупната сметка од стотици трилиони долари.

Така што, до понатамошно известување, очигледно е дека нема да има расфрлање на дијаманти на небото.

Извор: bug.hr

Фото: Freepik