Компанија од Ниш нуди тест за коронавирусот за кој вели дека го предвидува текот на болеста

Компанија од Ниш нуди тест за коронавирусот за кој вели дека го предвидува текот на болеста

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Иновативниот тест „Наиса Сарс-Ков2“ овозможува следење на инфекцијата и болеста во временска рамка. Тестот дава точна нумеричка вредност на антителата и точно следење на инфекцијата, објаснува Саша Тричковиќ, директор и сопственик на компанијата „Неомедика“ од Ниш, која произведува ваков тест.

Како што тврди Тричковиќ, со овој тест може да се предвиди текот на болеста, односно дали таа ќе биде тешка или лесна. Тој вели дека со овие тестови може да се утврдат и денот од заразувањето и времетраењето на симптомите, како и дали лицето претходно ја прележало болеста и кога.

Ова е возможно бидејќи тестот се фокусира на антитела од класа IgA, а доколку нивото на овие антитела е ниско, голем е процентот дека лицето ќе има лесни симптоми, додека големиот број на овие антитела покажува дека болеста веројатно ќе биде тешка.


Фото: Neomedica

За прецизно да се предвиди текот на болеста, најдобро е тестот да се направи од вториот до петтиот ден од заразувањето бидејќи подоцна овие антитела исчезнуваат, вели Тричковиќ. По нив доаѓаат антитела од класата IgM, кои покажуваат дека сме заразни, а тие се присутни околу две недели. По нив следуваат антителата од класата IgG, кои би требало да бидат трајни и да го заштитуваат лицето доживотно, иако кај овој коронавирус тоа не е потврдено.

Кога станува збор за тестот, тој е едноставен - пациентот дава крв од вена и резултатите стигнуваат за еден и пол час.

Тричковиќ открива и дека се подготвуваат нови тестови кои на пациентите од коронавирус што се во болница ќе им покажат дали им е потребен кислород или не.

Извор: lolamagazin.com