Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите
Од ученик чија прва љубов била биологијата до ангажман од Американската вселенска агенција НАСА каде што наскоро треба да одржи предавање. Уште кога бил мал знаел дека науката ќе биде негова професионална определба. Вели дека е сто отсто Преспанец, а роден е во Битола единствено затоа што во Ресен нема породилиште. Ова е приказната на д-р Томче Рунчевски, професор на Јужнометодистичкиот универзитет (ЈМУ) во САД, каде што води катедра и истражувачка група за физичка хемија.
Проф. д-р Томче Рунчевски
Пораснал во Ресен, каде што ги завршил основното и средното образование. Прва љубов му била биологијата, сè до седмо одделение кога се запознал со хемијата.
- Тогаш знаев дека еден ден ќе станам хемичар. Во средно имав суперпрофесорка по хемија, Кате Настевска, и тоа придонесе да се одлучам за таа област. Отсекогаш чувствував дека науката ќе биде мојата професионална определба –искрено ме интересира како функционира светот и зошто нештата се такви какви што се. Никогаш не можев да се замислам да работам рутинска работа, од 8 до 16 часот. Трето, од мал лесно губев интерес и ми требаше нешто што постојано ќе ме поттикнува да одам напред. Професионалната наука е единствената определба што е постојано динамична, овозможува целосна слобода, поттикнува критичко размислување и никогаш не е досадна- вели Рунчевски.
Почетоците на Институтот за хемија
Во средношколските денови сфатил дека најобјективно мерило за квалитет на наука се објавените научни трудови. Матурирал во 2006 година и размислувал каде да го продолжи образованието. Се сеќава дека додека истражувал и се информирал, дошол до податок дека Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје имал објавено повеќе статии од сите други институти заедно. Тоа било доволно за да реши каде понатаму. Веќе во втора година почнал да работи на научен проект во тим со проф. Панче Наумов (кој тогаш бил во Осака, Јапонија), професорите Петре Макрески, Глигор Јовановски и Ѓорѓи Петрушевски.
- Прекрасен тим! Јасно ми беше дека сум донел вистинска одлука да се запишам на ПМФ – вели Рунчевски.
По дипломирањето ги започнал магистерските студии на тема минерали од Македонија со професорите Макрески и Јовановски. Во меѓувреме бил на шестмесечна студентска размена на Универзитетот во Лајпциг, Германија.
- Многу ми се допадна искуството во Лајпциг, па одлучив да докторирам во Германија.
Докторските ги завршив на Институтот „Макс Планк“- уште една многу добра одлука. „Макс Планк“ е институт од врвна класа, со над 30 Нобелови награди (баш и работев на ист кат со нобеловец). Науката на Институтот е навистина прва класа и многу научив. Имав голема среќа да работам со проф. Роберт Динебиер, кој е врвен научник и заедно постигнавме многу. Докторирав за рекордни 3 години (просек во Германија е четири). Го добив медалот Ото Хан за научни достигнувања на општеството кој се доделува на ниво на цела Германија, во сите области. Од природни науки до право- раскажува Рунчевски.
Американскиот систем на наука нуди независност
Потесна определба му биле структурната и физичката хемија, која се граничи со физика. Особено се заинтересирал за дифракционите и спектроскопските методи за истражување на структурата на материјали. Продолжил на постдокторски студии на Универзитетот „Беркли“ во Калифорнија.
- На Беркли работев со познат научник, проф. Џеф Лонг, на порозни материјали. Таму останав три години пред да добијам самостојна позиција. Во текот на тие три години се запознав со американскиот систем на наука. Искрено, тој е многу, многу подобар од европскиот. Барем за мене. Во Америка има целосна независност, што не е карактеристично за Европа. Академските позиции во Европа најчесто се ограничени. Ако сте професор на катедра за катализа – мора да работите на катализа. Во Америка, сè додека имате финансирање, може да работите на која било тема. Не ни мора да биде хемија! Оваа слобода ми е многу важна- објаснува Рунчевски.
Во моментот работи на Јужнометодистичкиот универзитет (ЈМУ) во Далас, САД, каде што води катедра и истражувачка група за физичка хемија. Универзитетот е основан во 1911 г. од Методистичката црква, но денес е секуларен универзитет со целосна независност. Од скоро ЈМУ има стратегија да стане светски научен центар и вложува многу во наука и во нови катедри. Рунчевски вели дека иако интернационално не е многу познат, ЈМУ е еден од најскапите универзитети во Америка, меѓу топ-30 по цена на семестар, со неверојатно добри ресурси.
- Поради слободата што ја нудат американските универзитети, одлучив да се фокусирам на две различни теми: една фундаментална, една апликативна. Првата е хемијата на површината на Титан, Сатурновата месечина, што е баш фундаментална комбинација од хемија и физика. Другата тема е кристален инженеринг и откривање/дизајнирање нови материјали- објаснува Рунчевски.
Истражувањата на Титан
И на двете полиња веќе забележал голем успех. Пред една и пол годинаНАСА објави дека новата мисија New Frontiers ќе биде посветена на Титан, месечината на Сатурн. Покрај Земјата, Титан е единствено тело во Сончевиот Систем што има густа атмосфера, дожд, езера и мориња и се верува дека е можно да постои живот или, пак, дека живот постоел во минатото или ќе се создаде во иднина. Во 2026 година НАСА ќе го испрати роверот „Драгонфлај“ (Dragonfly), кој ќе помине околу 3 месеци на површината на ова тело. Уште пред да се објави мисијата, истражувачка група на Рунчевски почнала со експерименти кои ќе помогнат да се дознае повеќе за тоа како навистина изгледа Титан одблиску. Главна цел на тимот е да дознае повеќе за тоа како изгледа структурата на површината на Титан. Рунчевски објаснува дека условите на Титан се многу слични, но и многу различни од условите на Земјата. Двете тела имаат густа атмосфера, предоминантно составена од азот, имаат облаци и врнежи. Но, на Титан наместо вода, врне течен метан, и тој паѓа во езерата и морињата кои се составени главно од етан. Морињата и езерата се наоѓаат на половите, а на екваторот има пустини од прашок кој се состои од органски молекули. Цел овој свет се наоѓа врз огромна површина од замрзната вода, а има индикации дека постојат и вулкани од мраз. Целиот овој свет е замрзнат, на температурата од -180 Целзиусови степени.
На почетокот од годинава Рунчевски со својот тим го објави научниот труд под наслов „Кристалната структура на зинеб, 75 години подоцна“. Станува збор за пестицидот зинеб (познат под името дитан), кој во изминатите 75 години стана една од најупотребуваните хемикалии во светот, а се употребува и во Македонија. Тимот на Рунчевски ја реши кристалната структура на зинеб - открија каде точно се наоѓаат атомите во просторот, што во случајот не е баш едноставно, бидејќи зинеб кристализира како прашок.
- Да се реши структурата на ваков примерок е исклучително тешко – просто кажано во исто време треба да се реши структурата на милијарди кристали! Зинеб е еден од овие материјали. Нашата е една од неколкуте лаборатории што се занимаваат со решавање на вакви проблеми – вели Рунчевски.
Ново откритие
Сосема свесен дека не е звучи добро, Рунчевски вели дека секој млад научник во Македонија кој сака да се занимава професионално со наука треба да се стреми да си замине.
- Ако не можат да заминат во моментов и ако мораат да се образоваат во Македонија, би им препорачал да одберат ментор или тим кој објавува во добри списанија. Нема друга опција за фундаментална наука. Сè друго е импровизација- категоричен е Рунчевски.
Се надева дека сè уште не го достигнал врвот. Горд е што почнал целосно нова тема во неговата независна кариера – хемијата на Титан, зашто најчесто младите професори продолжуваат во истата област како нивните ментори.
- Тешко е да се докажеш во нова област, особено како странец во Америка, со европско образование. Пред еден месец добив покана да држам предавање во НАСА, а и добивме финансирање од Агенцијата. За мене, ова е големо признание за квалитетот на науката во мојата група на ЈМУ- вели Рунчевски.
Според него, има многу групи што истражуваат во хемијата и работат на материјали, но ретко кога тие материјали навистина се употребливи во секојдневниот живот.
- Уште еден успешен пример од мојата група е дизајнирањето нова формулација на креатин, најупотребуваниот фитнес-суплемент во светот. Моментално има две формулации на креатин на пазарот и нивниот обрт е половина милијарда долари годишно, и тоа само во Америка! Ние успеавме да формулираме трета опција. Пред еден месец поднесовме апликација за патент и само една недела подоцна приватна компанија се заинтересира да го развие патентот. Моментално сме во преговори за производство и се надеваме дека ќе успееме нашата формулација да излезе како нов продукт на пазарот во 2021 или 2022 година. Сметам дека ова е баш добар пример за апликативна хемија- завршува Рунчевски.