Парите за студентски оброк ги нема, надлежните ветуваат дека ќе ги исплатат по административните проверки

Парите за студентски оброк ги нема, надлежните ветуваат дека ќе ги исплатат по административните проверки

Подготвил: Антонија Поповска

Лектор: Ивана Кузманоска

Вториот рок за аплицирање за бруцошите траеше до 31 октомври и во тек е разгледување на пристигнатите апликации, како и административна проверка на податоците од страна на други институции, по што секој што аплицирал ќе биде известен за донесената одлука преку системот e-uslugi.mon.gov.mk, велат од МОН

Студентите запишани во прва година што аплицирале за субвенциониран студентски оброк сѐ уште не добиле информација дали и кога ќе ги добијат парите. Некои од нив, како и нивните родители, реагираа до нашата редакција затоа што не добиле никакви информации, а од Министерството за образование и наука (МОН) појаснуваат дека во моментов се прават административни проверки, по што секој кандидат ќе биде известен за донесената одлука.

- Образложението на надлежните е дека се прават проверки на документите со кои аплицираа студентите. Не е јасно зошто се прави двојно проверување на податоците кога истите документи студентите ги поднесоа и при упис на факултет. Со самото тоа што факултетот ги примил и запишал, и им издал индекс, и со самото тоа што тие потпишаа изјава за веродостојност на податоците, потврдиле дека сите документи се веродостојни и се проверени од самите факултети. И тоа треба да биде доволен доказ, а не сега да има дополнителна проверка од повеќе институции и на тој начин да се одолжува постапката - вели родител на бруцош на УКИМ.

Одговорните во МОН за Факултети.мк велат дека очекуваат резултатите од вториот повик за субвенциониран студентски оброк да бидат објавени во текот на идната недела.



- Вториот рок траеше до 31 октомври и во тек е разгледување на пристигнатите апликации, како и административна проверка на податоците од други институции, по што секој што аплицирал ќе биде известен за донесената одлука преку системот e-uslugi.mon.gov.mk. На сите студенти што го остварија правото на субвенциониран студентски оброк во првиот рок од повикот, односно тоа се 18.105 студенти, средствата веќе им се исплаќаат на трансакциските сметки - информираат од Министерството.

Неодамна, Ева Цветковска, претседател на Универзитетското студентско собрание при УКИМ, за Факултети.мк кажа дека колку и да има критики за начинот на реализација на проектот субвенциониран студентски оброк, сепак, добро е тоа што барањето од надлежните е прифатено.

- Имаше проблеми од административната страна. Беа вмешани УЈП, Агенцијата за вработување, МОН, па се случуваат некои проблеми при реализацијата. Свесни сме дека администрацијата е закржлавена, но наша беше иницијативата да се воведе студентскиот оброк и тие ја прифатија, што е во ред. Значи, имаат слух за студентите - рече Цветковска.

Субвенционираниот студентски оброк е системско решение уредено со закон со кое на младите значително им се олеснува животот во текот на студирањето, односно добиваат по 2.400 денари 9 месеци во годината, наменети за купување здрави оброци.

Право на оваа финансиска поддршка имаат сите редовни студенти запишани на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи кои се државјани на Македонија и кои не се во редовен работен однос, не се регистрирани како индивидуални земјоделци и немаат месечен приход по која било основа поголем од минималната нето-плата во тековната година.