Исланд би можел да добива електрична енергија од вселената во 2030 година
„Спејс солар“ е стартап за вселенски и соларни технологии лансиран во Оксфорд, Велика Британија, а „Трансишн лабс“ е исландска компанија која се занимава со заштита на животната средина и лансирање различни проекти, со цел зачувување на климата на Земјата.
Тие сега ги здружиле силите за да ја стават во функција првата соларна централа во светот со седиште во вселената до 2030 година. Според објавените планови, централата потоа ќе почне да ја снабдува исландската енергетска компанија „Рејкјавик енерџи“ со електрична енергија, собрана со помош на соларни панели лоцирани на сателити во орбитата на Земјата.
Тоа ќе биде револуција во енергетиката, според амбициозната најава од иницијаторите на проектот, па велат дека почетниот капацитет на вселенската соларна централа ќе биде 30 мегавати. Создадената енергија безбедно ќе се пренесува безжично, со користење радиобранови со висока фреквенција, до копнените приемници, каде што ќе се претвори во електрична енергија и ќе се пренасочи директно во електричната мрежа.
Чиста енергија 24/7
Така Исланд ќе добие уште еден извор на чиста, обновлива енергија, кој ќе работи 24 часа на ден, 7 дена во неделата, без оглед на облаците, метеоролошките услови и слични пречки со класичните обновливи извори. Цената на вака создадената енергија ќе биде слична на онаа од копнените обновливи извори, но без прекин, велат иницијаторите на проектот и најавуваат дека тој ќе биде активен за приближно пет години.
Нивниот план е потоа да се прошират во остатокот од светот и да ги стават во функција гигаватните вселенски електрани.
- Бидејќи глобалната побарувачка за енергија брзо се зголемува, оваа моќна технологија има потенцијал да помогне да го води светот кон иднина со нула емисии на јаглерод диоксид - велат од „Спејс солар“.
Тие ќе се грижат за техничкиот дел од проектот, кој се однесува на самите сателити и соларните централи на нив, додека „Транзишн лабс“ ќе биде задолжена за стратешко планирање, финансирање и развој на бизнисот. Нивниот договор со „Рејкјавик енерџи“ означува пресвртница за целиот проект и ги поставува темелите за идната комерцијализација на вселенските електрани.
Модуларен пристап
Технолошката основа на проектот за добивање енергија од вселената е системот „Хариер“ на стартапот „Спејс солар“. Станува збор за соларен панел со необична, спирална форма, која може да собира енергија од сите правци. Исто така, без промена на ориентацијата, енергијата може да ја пренасочи кон саканата локација на Земјата. Системот се лансира во орбитата во модули, таму роботите го склопуваат на самото место, па на крајот вселенската централа може да има површина измерена во квадратни километри и да генерира големи количини енергија. Идејата е системот да се позиционира во високата орбита, каде што секогаш би бил изложен на Сонцето, т.е. никогаш не би дошол во сенката на Земјата.
Извор: bug.hr
Фото: YouTube screenshot