Откриена христијанска базилика стара 1.500 години, изградена во времето на римскиот император Јустинијан
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Истражувачите од Австрискиот археолошки институт на Австриската академија на науките откриле ранохристијанска базилика во Аквилеја, Италија.
Црквата имала монументален византиски стил и го нагласува верскиот развој и геополитичкото значење на градот.
Истражувачите наведуваат дека нејзиното откритие покажува поголема византиска градежна програма.
Стратешкото значење на Аквилеја
Основана во 181 година пр.н.е. како римска воена колонија, Аквилеја била стратешки позиционирана на крајот на Јантарскиот пат и по должината на маршрутата до провинцијата Норикум, денешна Австрија. Се наоѓала на околу десет километри од лагуната Градо на Трстскиот Залив. Исто така, во 1998 година УНЕСКО ја прогласи за светско наследство.
Археолозите извршиле длабоко истражување во област западно од Аквилеја, во близина на Виа Анија. Ова вклучувало геофизички мерења и геоархеолошко дупчење. Резултатот бил откритие на црковна зграда од 4 век, која со текот на времето се проширила во базилика.
- Оваа базилика е првата новооткриена голема зграда во децениските интензивни археолошки истражувања во Аквилеја. Архитектурата покажува впечатливи паралели со Источното Римско Царство, како што може да се најде во Египет, Турција и на Балканот - вели археологот Стефан Грох.
Грох додаве дека вакви базилики со апсиди може да се најдат низ Источното Римско Царство, од Египет до Блискиот Исток, вклучувајќи го Витлеем, Ликискиот пат во Југозападна Турција и регионот во Драч, Албанија, а сега дури и се прошируваат до горниот Јадран.
Базиликата веројатно служела не само како религиозна структура, туку и како симбол на повторното освојување на горна Италија од страна на Јустинијан I.
Пред околу 1.500 години градот Аквилеја бил еден од најистакнатите градови во Италија. Основан како воен логор во 181 година пр.н.е., тој бил стратешки лоциран во близина на морскиот брег и покрај патот што водел до провинцијата Норик во денешна Австрија. Археолозите и научниците претпоставуваат дека базиликата била изградена за да ја обнови католичката вера со оглед на тоа што областа била под влијание на христијанските еретици.
Извор:
Interestingengineering.com
Фото: ÖAW