Ова се новите мерки за училиштата во Хрватска: Заклучување, специјални брави и обезбедување

Ова се новите мерки за училиштата во Хрватска: Заклучување, специјални брави и обезбедување

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Во Министерството за наука и образование на Хрватска заврши состанокот на Комисијата за изготвување предлози за основни безбедносни мерки за училиштата. Покрај задолжителното заклучување на училиштата и влезовите контролирани од возрасни лица, краткорочната мерка опфаќа и поставување специјални брави кои ќе го оневозможат отворањето на вратите однадвор. Ќе се вработи и специјално обучен специјалист за безбедност, но тоа се очекува дури за неколку месеци, кога ќе се креира специјална образовна програма за такви лица. Во меѓувреме, влезовите ќе ги контролираат вработените во училиштата, а училиштата ќе бидат овластени да ангажираат дополнителен технички персонал.

На средбата во Министерството за образование по нападот во основното училиште Пречко се разговараше за краткорочни и вонредни мерки кои може да се применат веднаш, по училишниот распуст. Министерот Радован Фукс повтори дека ова е чин на лице со дијагноза на ментална болест и дека во никој случај не е терористички акт како што може да се очекува во другите училишта.

Што се однесува до мерките, најпрво ќе се бара заклучување на училиштата, рече тој веднаш во воведот, додавајќи дека оваа мерка никогаш не била укината. Истото важи и за мерката при влез во училиштето да е присутен еден од вработените во училиштето, а училиштата да ги применуваат протоколите што ги имаат, а кои самите ги имаат дефинирано согласно законот.

- Она што веднаш ќе се направи е да се сменат бравите на вратите. Без разлика дали училиштето е заклучено или не, бравите треба да се сменат на тој начин што вратата може да се отвори однатре, но не однадвор без некој да ја пушти. Најголемиот број училишта, би се осмелил да кажам во градот Загреб, го применуваат овој начин на влегување во училишните згради, само некои го немаат овој принцип. Една од идеите е откако ќе се сменат бравите, да се сменат и вратите, за да бидат како огноотпорните - изјави Фукс, додавајќи дека и родителите ќе треба да се известат кога ќе дојдат на училиште.

Тој наведе и дека на училиштата ќе треба да им се одобрат нови вработувања на технички персонал, но истовремено ќе се направат измени во регулативата.

- Ќе се дефинира нов профил, не би го нарекол портир, туку човек кој би се едуцирал во однос на безбедносните мерки и во однос на заштитата од пожари, како и безбедноста при работа. Во исто време ќе предвидиме и такви работни места во училиштата - рече Фукс, додавајќи дека тоа нема да бидат вооружени лица.

Тој јасно потврди дека на тие позиции ќе се вработат сосема нови луѓе, но за ова треба да се изработат образовни програми и додаде дека тоа треба да се луѓе со специфични психофизички карактеристики и дека тоа е дел од среднорочните и долгорочните планови. Тој се надева дека програмите за обука за тие нови вработувања ќе бидат воспоставени наскоро, но не би шпекулирал дали тоа ќе биде за месец или два. Сепак, тој смета дека треба да се развие едукација за сите вработени во училиштата во однос на безбедноста.



Извор: Srednja.hr
Фото: Freepik