Зошто пријателите од факултет се посебни?

Зошто пријателите од факултет се посебни?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Низ животот, секој од нас стекнал различни „видови“ на пријатели: пријатели од мали нозе/од детството, пријатели од основно и од средно, пријатели од ракомет, фудбал, од работа, пријатели за цел живот и оние кои исчезнале од нашиот живот.

Но, нешто сосема посебно се пријателите кои ќе ги стекнеш во текот на студирањето. Студирањето е посебно искуство во животот: она што ќе го доживееш како студент нема да може да се спореди со дотогашните искуства, но и со искуствата после дипломата.

Ќе дојдеш во домот или новиот стан, ќе донесеш нови работи, ќе се поздравиш со родителите кои ќе се вратат дома, а ти ќе останеш сам/а со себеси, барем така ќе ти се чини или сигурно така ти се чинело првите неколку денови од бруцошките студентски години.

Но, нема да помине многу време, деновите ќе станат недели и месеци, а ти ќе имаш нови пријатели од факултет или од студентскиот дом. Ова ќе бидат луѓе кои ќе ги бараш кога испитот бил катастрофален, кога професорот ќе те навреди, кога момчето/девојката ќе ти го скрши срцето, кога ќе сакаш лудо да се забавуваш и кога ќе сакаш да се смееш цела ноќ или кога ќе ти треба помош за учење на најтешкиот испит/колоквиум на светот. Тоа ќе бидат токму тие луѓе.

Полека но сигурно ќе сфатиш дека се наоѓаш далеку од семејството и од твојот дом. Ќе искусиш сè: пијани вечери и глупости, стрес од кој боли желудникот, љубовни јадови и успеси, луди ноќи и заедничко растење и созревање во самостојна и одговорна личност - далеку од семејството, родителите и нивниот надзор.

Некој луд момент или сериозен разговор на скалитет од факултетот ќе станат најдрагите спомени кои ќе ги чуваш цел живот. Пријателот од факултет ќе те запознае на начин на кој никој дотогаш не те знаел, ќе ги сфати сите твои проблеми и маки.

Пријателот кој ќе го запознаеш на факултет можеби нема да биде со тебе цел живот, можеби после дипломирањето нема повеќе да се дружите и секој ќе оди по свој пат после три или пет години заеднички живот, но сигурно ќе му/ѝ бидеш благодарна барем за овие работи:

- Благодарам што со мене ја совладавте секоја тема уште на почетокот кога срамежливо се гледавме и се запознававме, шокирани со светот кој нè опкружува.

- Благодарам на помошта во лудите ноќи.

- Благодарам на најдобрите излегувања.

- Благодарам на првите самостојни кулинарски обиди.

- Благодарам на заедничкото созревање во возрасни личности кои продолжуваат со своите животи - можеби заедно, можеби одделно.