Можеме многу да научиме од начинот на кој ова англиско село се справило со пандемија во 1665 година
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Историјата не само што е фасцинантна туку нуди и неверојатно практични и морални совети што изгледаат како скроени за нас во модерните времиња.
И во овие тешки времиња на живеење во „новото нормално“ предизвикано од глобалната пандемија, некои од нас не можат а да не погледнат наназад низ времето кога разни чуми беснееле низ Европа.
Селото Ејам неодамна им го привлече вниманието на интернет-корисниците по објавата на корисник на социјалната мрежа „Тумблр“. Малото англиско село изгубило голем дел од своето население поради чума во 1665 година, но фасцинантно е како секој одлучил сам да се стави во карантин во период од една година со цел да ги заштити околните области.
Ситуацијата била многу слична на денешната со регулативи за
затворање на градовите. Некои тврдат дека селото се справило со ситуацијата многу подобро отколку што ние се справуваме со нашата.
Ејам денес е малечко село со помалку од илјада жители. Сосема малку пораснало од 1665 година кога неговата популација била 800 луѓе.
Во август 1665 година селскиот кројач и неговиот асистент
откриле дека парче ткаенина што го купиле од Лондон било полно со болви
од стаорци. Неколку дена подоцна, на 7 септември, асистентот на
кројачот, Џорџ Викарс, починал од чума.
Во тоа време луѓето не сфаќале како се шири болеста, но во основа знаеле
дека се шири и дека тоа ширење е поврзано со движењето на луѓето.
Затоа, двајцата религиски лидери во градот, Томас Стенли и Вилијам
Момпесон, направиле план целото село да биде под карантин. И
токму тоа се случило. Цела година никој не излегол и никој не влегол
во селото.
Тие поставиле знаци на крајот од селото како предупредување, а во бунар
оставилe пари натопени во киселина за луѓето надвор од градот да им носат храна и намирници.
Во периодот од 14 месеци карантин, во селото починале 260 жители од вкупно 800. Бројот на починати бил висок, но селото спречило болеста да се прошири до блискиот град Шефилд, кој бил многу поголем, со што спасило илјадници луѓе во Северна Англија.
- Причината зошто оваа приказна многу ми значи е тоа што е приказна за луѓе што се човечни. Мислам дека тоа е лекцијата што може да се извлече од приказната. Постојат луѓе што и сега прават сѐ за да им помогнат на другите - вели интернет-корисникот кој ја раскажа приказната за селото, додавајќи дека објавата ја направил чисто од забава, појаснувајќи дека не е историчар.
Селото Ејам постои и денес и има 1.000 жители. Точниот број на луѓе што починале од чума не се знае, а мислењата на истражувачите се движат од огромно мнозинство до околу половина или една третина. Големата чума во Лондон, која траеше од 1665 до 1666 година, уби околу 100.000 луѓе, иако научниците не се согласуваат за точната бројка.
Интересно е тоа што иако една третина од жителите на Ејам починале во текот на карантинот, познато е дека црната чума има смртна стапка од 90 отсто, што значи дека селото и немало многу жртви. Стотици години подоцна, некои историчари и доктори и понатаму се прашуваат зошто.
За среќа, Ејам е едно од оние убави места што не се промениле многу во период од стотици години. Жителите што сега живеат во селото се директни потомци од преживеаните од 1600 година. Со генетичко тестирање, истражувачите откриле дека голем број жители на Ејам го носат генот што ги прави имуни на чумата.
Фото:
Wikimedia Commons