„Диџеј Ахмет“ - музика, хумор и емотивна драма произлегуваат од овој неверојатен македонски филм

„Диџеј Ахмет“ - музика, хумор и емотивна драма произлегуваат од овој неверојатен македонски филм

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

„Диџеј Ахмет“, дебитантскиот филм на Георги М. Унковски, ги комбинира свежиот хумор, музиката и емотивната драма во приказната за 15-годишниот Ахмет кој се бори да се ослободи од строгата традиција на неговата заедница во Македонија. Преку уникатна музичка подлога, која ги комбинира современите и локалните звуци, филмот ја истражува длабоката врска меѓу традицијата и современите влијанија.

15-годишниот Ахмет, кој живее во оддалечено село, е во конфликт со својот татко (Аксел Мехмет) кој ја забранува музиката по смртта на неговата мајка и го присилува да се грижи за овците. Неговото секојдневие се менува кога ќе ја запознае Аја, германска девојка која се подготвува за договорен брак. Со неверојатната глума на Ариф Јакуп, Ахмет станува симпатичен лик кој ја претставува надежта за нова, поемотивна верзија на машкост.

Филмот не се плаши да ги прикаже суровите реалности на животот во патријархалните средини, но тоа го прави преку лесно достапен хумор и искрена емоција. Не можете, а да не се насмеете во текот на филмот, на пример, сцената со имамот кој има проблеми со технологијата, но исто така филмот успешно ги комбинира сериозните и комичните моменти, создавајќи уникатност и живост.

Сцените се визуелно импресивни, со златната светлина која ја обвива околината и ја истакнува живописната традиција. Филмот успешно ги истражува разликите помеѓу младите кои се поврзани со глобалниот свет преку технологијата и старите традиции што и понатаму владеат во нивното село.

„Диџеј Ахмет“ не е само комедија што ќе ве насмее, туку и драма што ќе ве натера да размислувате за идентитетот, семејните врски и љубовта. Ова е филм кој ги освојува срцата на гледачите и на неверојатен начин ги поврзува музиката, хуморот и емоциите.



Извор: Variety.com
Фото: Screenshot/YouTube