Пет години по ковид: „Кај дел од лекарите пандемијата го поттикна најдоброто и бевме сведоци на многу примери на хуманост“, вели д-р Александар Петличковски

Пет години по ковид: „Кај дел од лекарите пандемијата го поттикна најдоброто и бевме сведоци на многу примери на хуманост“, вели д-р Александар Петличковски

Подготвил: Орце Костов

Лектор: Ивана Кузманоска

Пет години по појавата на коронавирусот, пандемијата изгледа како бледо сеќавање од кое научивме многу лекции со кои би требало поподготвени да се справиме со идни предизвици од ваков тип. Македонија помина низ различни фази за време на пандемијата - од панично купување основни прехранбени производи, карантин, полициски часови, онлајн купување, ограничено движење за време на одмори, задолжително тестирање и, навидум, успешно вакцинирање.

Пандемијата ги влоши разликите меѓу луѓето, ни ја одзеде слободата да се движиме, го смени социјалниот живот, ги исфрли на површина сите слабости на здравствениот систем и системите за спречување катастрофи, но и остави психолошки последици, особено кај младите луѓе и покрај тоа што беа физички најмалку погодени од вирусот.

Со д-р Александар Петличковски, директор на Институтот за имунобиологија, кој воедно е и претседател на Комисијата за заразни болести, разговараме за тоа што научивме од пандемијата, пет години по нејзината појава, дали здравствениот систем сега е поподготвен да одговори на слична криза, што промени таа во социјалниот живот на граѓаните и дали населението сега има поголема свест да се грижи за своето здравје, вклучувајќи ја тука и вакцинацијата.

Пет години по ковид, што научивме од медицински аспект?

- Најважната лекција од пандемијата на ковид-19 е дека човештвото е многу покревко отколку што замислувавме. Мислам дека проблемите што ги предизвика ковидот глобално беа незамисливи ниту кај најспремните здравствени системи во светот. Од тој аспект, проширен ни е видикот и секое потенцијално ново изненадување ќе го прифатиме помалку изненадени. Лично за мене, одушевувачко беше обединувањето на целокупната светска научна јавност и (барем за момент) прифаќањето на заедничкиот проблем како приоритет пред поситните локални интереси. На дело ја видовме моќта на науката и технологијата во екстра брзото произведување ефикасни и безбедни вакцини кои значително го сменија текот на пандемијата.За жал, видовме дека на голем дел од луѓето им е многу полесно да прифатат некои тотално ирационални теории на заговор и да ги игнорираат медицинските научни докази. Научивме дека психолошката добросостојба на луѓето е многу, многу важна.



Дали сега системот е поподготвен да одговори на пандемија од ваков размер?

- Да, во некои понапредни и посреќни општества. Некои протоколи за следење на ризикот и за автоматско активирање на сетови мерки кои одговараат на моменталната оптовареност на здравствениот систем беа дефинирани и тие постојат. Но дел од подготвеноста зависи од долгорочно планирање и инвестирање во кадар, опрема и лекови, а тоа е веќе проблем.
Кај нас веројатно овој тип хипотетска здравствена опасност не е приоритет во ситуација кога секојдневно се задушуваме од енормно загаден воздух. Сѐ уште немаме дефинирано од каде доаѓа загадувањето, а да не зборуваме за стратегија и реални мерки за намалување на загадувањето зад кои ќе застанат сите политичари, невладини организации и граѓани.

Дали сега полесно се справуваме со сезонските епидемии на вируси поради поуките извлечени од пандемијата?

- Нашиот Институт за јавно здравје, заедно со центрите за јавно здравје низ државата, е во постојана и тесна комуникација со канцелариите на Светската здравствена организација, Европскиот центар за контрола на заразните болести, УНИЦЕФ и многу други релевантни светски институции кои креираат и предлагаат здравствени политики, особено во кризни состојби.
Ковид-пандемијата во голема мера помогна таа комуникација да стане уште поефикасна и да се прифати начинот на функционирање на светските институции за брзо воспоставување практики за следење, информирање и превенција од различни заразни болести. Исто така, овие препораки многу понавремено се споделуваат со општата популација, но и со матичните лекари и надлежните специјалисти. Мој впечаток е дека ова е една од областите каде што помалку заостануваме во споредба со развиените здравствени системи.

Колку Вие како лекар чувствувате дека Ве промени тоа, што направи ковид да смените во пристапот како лекари во земјава?

- Ковидот беше многу голем предизвик во секој поглед, организациски, финансиски, психолошки, социјален. Се соочивме со голем недостиг на здравствен персонал и преоптовареност на оној со кој располагавме. Кај дел од лекарите пандемијата го поттикна најдоброто и бевме сведоци на многу примери на хуманост и безусловно помагање. Видовме и неубави примери, но во моите очи овие вториве беа доста поретки.



Дали свеста кај граѓаните да се грижат за своето здравје, да ги сфаќаат сериозно пораките од докторите и да се вакцинираат е на повисоко ниво?

- Кампањата за вакцинација против ковид поттикна досега невидена поделба меѓу луѓето. Нетрпеливоста помеѓу луѓето кои прифаќаат вакцинација и антиваксерите е на историски највисоко ниво и овие две групи меѓусебно понекогаш се гледаат како смртни непријатели.
И тоа е дефинитивно голем проблем. Овој проблем е тесно поврзан со нивото на образование, но под образование не мислам на стекнување со диплома. Под образование подразбирам процес на систематско стекнување знаења од одредена област, оспособување за разбирање и толкување на различни појави. Конкретно за експертите од медицинските области, од критична важност е следењето и разбирањето на новите научни студии и вреднувањето на доказите презентирани во стручната литература.
Интернетот е многу широк простор во кој може да се пласираат секакви тврдења, некои од нив реални, некои измислени. Не се сите работи што ќе ги прочитаме на интернет научни докази. Дел од граѓаните веруваа во добрата волја и научните постигнувања на најдобрите научници во светот и ги прифатија долгоочекуваните вакцини.
Значаен дел од граѓаните, особено во нашиов регион на Западен Балкан, одбраа да веруваат во страшните приказни на некој глумец, некоја ѕвезда од реално шоу, на некој тенисер. За волја на вистината, не се работи за некој тенисер, се работи за можеби најдобриот тенисер на светот на сите времиња, но поентата е дека тенисери или разни други славни личности не би требало да учествуваат во креирање на здравствената политика на која било држава. А обврска на научниците е да ги разликуваат научните од лажните тврдења и да им ги објаснат на граѓаните, вклучително и на оние што се веќе цврсто определени. На овој план можеме и мораме да работиме повеќе.

Колку се промени животот на граѓаните по ковид со сите тие карантини, онлајн работа, други навики, патувања....?

- Пандемијата отвори нови видици и не беа сите лоши. Грижата за сопственото здравје е на повисоко ниво, сѐ уште се избегнуваат метежи и непроветрени простории и тоа воопшто не е лошо. Уште една значајна придобивка се можностите за онлајн службена комуникација, состаноци, предавања, испити, дури и цели научни конгреси сѐ уште се одржуваат на онлајн платформи и тоа е реално големо олеснување во многу случаи. Сѐ на сѐ, пандемијата беше едно неверојатно искуство кое ќе остане во колективното памтење. Би било многу добро кога би сакале и би можеле да ги зачуваме и надградиме позитивните поуки, а да ги поправиме недостатоците.