Пандемија наспроти епидемија - која е разликата?

Пандемија наспроти епидемија - која е разликата?

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Откако коронавирусот почна да се шири низ светот, зборовите епидемија и пандемија се појавуваат во медиумите почесто од порано. Станува збор за поврзани термини кои не се синоними.

Како што објаснува американската Асоцијација за професионалци за контрола на зараза и епидемиологија, епидемијата се јавува кога една заразна болест се шири многу бргу и заразува многу луѓе. Најчесто на епидемијата ѝ претходи голем раст во бројот на заразени случаи. Заразата може да биде во еден регион или повеќе земји.

Доколку епидемијата не може да се контролира и продолжува да се зголемува, властите може да почнат да ја нарекуваат пандемија, што значи дека се заразени доволно луѓе во различни делови од светот за да се смета за глобална опасност.


Фото: Pixabay

Накратко, пандемијата е епидемија во глобални размери. Таа заразува повеќе луѓе, предизвикува повеќе смртни случаи и може да има и последици врз општеството и економијата. Ширењето на шпанската треска од 1918 до 1919, од која починале од 20 до 40 милиони луѓе низ светот, било пандемија. Во 2009 свинскиот грип познат како Х1Н1 предизвика пандемија.


Фото: Pixabay

Сепак, не постои дефинитивен систем за класификација на заразите. Врз основа на претходните дефиниции се чини дека коронавирусот може да се класифицира како пандемија бидејќи има над 80.000 заразени лица во 34 земји и 2.700 луѓе починаа од болеста. Вирусот влијае и врз патувањата, берзите и глобалната економија. Меѓутоа, Светската здравствена организација вели дека во моментов станува збор за епидемија, а не за пандемија.

Автор: Елен Гутоски
Извор: mentalfloss.com