Со само една објава во вторникот индискиот премиер Наренда Моди речиси го удвои бројот на луѓе на планетава што се во изолација за да се избегне ширење на коронавирусот.
Неговата наредба за нацијата бројна 1,3 милијарда луѓе да остане дома го носи глобалниот број на луѓе во изолација на околу 2,6 милијарди, што е една третина од светското население. Тоа е повеќе од бројот на оние што биле живи за да бидат сведоци на Втората светска војна.
Со вирусот се заразени повеќе од 425 илјади лица, а починаа над 18.900, но има сомнежи и дека многу се заразени, а не се потврдени. Точноста на пријавените заразени варира од земја до земја поради политичките компликации и политиките за тестирање.
Владите низ светот во изминатите неколку недели реагираа со различни форми на рестрикции, кои сега погаѓаат околу едно од три лица на планетата и кои се одразуваат врз транспортот, социјалните собири и во многу случаи - способноста за напуштање на домот.
Бројот на луѓе што денес се погодени од изолацијата ги засенува и најголемите настани што може да ви паднат на памет. Двата најголеми глобални конфликти во човековата историја - Првата и Втората светска војна - се воделе со приближно 135 милиони луѓе.
Според американското Биро за статистика, во 1940 година бројот на светското население бил 2,3 милијарди, што пак е помалку од бројот на луѓе што сега се во изолација.
Комбинираниот проценет број на луѓе што патуваат во рамките на најголемите годишни човечки миграции - Кинеската Нова година, фестивалот Кумб Мела во Индија, Денот на благодарноста во САД и исламските аџилаци - е 690,5 милиони лица, според „Статиста“.
Секако, овие бројки се собрани пред кинеската влада да почне да ги откажува овогодишните прослави за да го запре ширењето на вирусот.
Единствениот настан во човековата историја што погодил толку многу луѓе изгледа е шпанската треска од 1918-1919 година. Иако ситуацијата е многу различна од епидемиолошки поглед, заедничко нешто е распространувањето во споредба со глобалното население. Една третина од населението била заразена со вирусот.
Денес, можеби оваа една третина од човештвото што е под изолација може барем да биде благодарна што статистиката не се однесува на заболени - барем сѐ уште не.
Ова се некои од земјите во кои моментално има некаков вид наредби за седење дома или наредби за затворање бизниси и откажување настани, а наведен е и бројот колку луѓе се опфатени:
-
Аргентина, 45,5 милиони: На граѓаните им е дозволено да излегуваат само за неопходни работи до 31 март;
-
Австралија, 24,9 милиони: Бизнисите што не се неопходни се затворени, а на родителите им е дадена опција да не ги пуштаат децата на училиште;
-
Белгија, 11,4 милиони: Од жителите е побарано да седат дома и да излегуваат само за неопходни работи, а изолацијата се очекува да продолжи најмалку до средината на мај;
-
Кина (Вухан), 11 милиони: Од граѓаните е побарано да останат дома и да излегуваат само за неопходни работи. Според одредени медиуми, карантинот се очекува да биде прекинат на 8 април. 16 града во провинцијата Хубеј исто така беа во изолација до пред неколку дена;
-
Колумбија, 49,7 милиони: Карантинот го ограничува движењето на населението, освен за неопходни работи, а ќе трае до 11 април, додека од повозрасните од 70 години е побарано да останат дома до крајот на мај;
-
Данска, 5,8 милиони: Забрането е групирање на повеќе од 10 лица и училиштата, библиотеките, рестораните и другите бизниси се затворени;
-
Франција, 66,9 милиони: Од граѓаните е побарано да седат дома, освен за неопходни работи, најмалку до крајот на март;
-
Германија (Баварија), 12,9 милиони: 16 германски сојузни држави воведоа рестрикции за бизнисите и јавните собири, но Баварија им забрани на граѓаните да ги напуштаат домовите без добра причина најмалку до 4 април;
-
Индија, 1,3 милијарда: Целосна забрана за излегување најмалку до 21 април;
-
Ирска, 4,9 милиони: затворени образовни и културни објекти и ограничувања на бројот на луѓе на социјални настани;
-
Израел, 8,9 милиони: Од граѓаните е побарано да седат дома, освен кога треба да си купат храна и лекови;
-
Италија, 60,4 милиони: Национална изолација со која се погодени речиси сите форми на јавен живот;
-
Кенија, 51,4 милион: Затворени се училиштата, пабовите и рестораните;
-
Кувајт, 4,1 милиони: На граѓаните им е забрането одење во ресторани и сали за вежбање, нема комерцијални летови и има попладневен полициски час;
-
Малезија, 31,5 милион: Патувањето во и надвор од земјата е забрането, големите собири се откажани и бизнисите што не се неопходни се затворени;
-
Нов Зеланд, 4,9 милиони: Од граѓаните е побарано да останат дома барем до крајот на април;
-
Норвешка, 5,3 милиони: Затворени пристаништа, аеродроми и училишта, откажани културни настани и ставање на посетители на земјата во автоматски карантин - до 15 април;
-
Полска, 37,9 милиони: Затворени барови и ресторани, не е дозволен влез на странци во земјата и луѓето што доаѓаат одат во автоматски карантин - до 11 април;
-
Јужноафриканската Република, 57,8 милиони: Изолација најмалку до 15 април;
-
Шпанија, 49,7 милиони: Целосна изолација до денес (петок), со можност за продолжување;
-
Велика Британија, 66,5 милиони: Од граѓаните е побарано да останат дома освен за итни работи;
- САД: делумна изолација за 75 милиони Американци.
Насловнс фотографја: Pixabay