Како требаше да реагираат САД на коронавирусот, според Бил Гејтс
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
САД дејствуваа многу бавно кога се појави пандемијата на коронавирусот и ја пропуштија шансата да одбегнат непотребно губење на работни места, што сигурно ќе ја оштети економијата, изјави Бил Гејтс во вторникот.
- Секој требаше да биде внимателен уште во јануари - изјави коосновачот на „Мајкрософт“ во разговор со Крис Андерсон, основачот на ТЕД.
Моментално секој трет Американец се придржува до наредбите за седење дома. Гејтс предлага карантинот на национално ниво да трае од шест до десет недели за да биде ефективен.
- Катастрофално е за економијата, но што поскоро ги преземеме овие ригорозни мерки, толку побрзо ќе можеме да се вратиме во нормала. Многу е тешко да им предлагаме на луѓето да продолжат да излегуваат, да купуваат нови куќи, да ги игнорираат жртвите од вирусот, само за да ги трошат парите бидејќи некој политичар смета дека растот на берзата е важен.
Гејтс посочува дека државата мора брзо да почне со помасовно тестирање за коронавирусот бидејќи моментално заостанува зад другите држави.
- Во однос на тестирањето, уште не го зголемуваме капацитетот и не го применуваме на луѓе на кои им е потребно. Тестирањето мора да биде организирано, мора да биде приоритет. Тоа е бескрајно важно - изјави Гејтс.
Фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“ донира 100 милиони долари за борба против вирусот на светско ниво. Филантропот предупреди дека доколку се задржи вирусот, може да предизвика тешкотии, особено во неразвиените земји.
На почетокот од март
Гејтс напиша на својот блог како треба да реагира светот на пандемијата. Апелираше лидерите да најдат начин да се спасат животите додека во исто време се подобрува начинот на реагирање на разни зарази.
Во 2015 година Гејтс во ТЕД-говор алармираше за неподготвеноста на светот во случај на глобална зараза.
- Многу малку се фокусираме на системот за справување со епидемии. Не сме подготвени за следната епидемија.
Автор: Џорди Сејлс
Извор:
weforum.org