Бил Гејтс открива кои три професии ќе опстанат во ерата на вештачката интелигенција
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Вештачката интелигенција брзо го менува начинот на кој работиме. Таа веќе презема голем дел од рутинските и повторувачки задачи, ослободувајќи им време на луѓето да се фокусираат на поголеми предизвици.
Сепак, оваа промена природно создава загриженост кај многу работници.
Еден извештај откри дека во „најлошото сценарио“, 8 милиони работни места во Обединетото Кралство би можеле да бидат изгубени поради вештачката интелигенција. Друго истражување покажа дека 54 отсто од работните позиции во банкарскиот сектор можат да бидат автоматизирани. Всушност, минатиот месец големата банка „Ди-би-ес“ од Сингапур најави дека во наредните три години можеби ќе укине околу 4.000 работни места, бидејќи вештачката интелигенција презема сè повеќе човечки задачи. Сепак, загриженоста за приватноста и безбедноста, кои се клучни во установи како банките, засега ја одложува пошироката примена на вештачката интелигенција.
Во меѓувреме, Бил Гејтс го сподели своето размислување на оваа тема.
Тој предвидува дека вештачката интелигенција ќе замени луѓе во повеќето работни позиции, но тоа не значи дека сме немоќни. На крајот, останува ние да одлучиме како ќе ја користиме вештачката интелигенција и кои делови од работата сакаме да ги задржиме за себе, објаснува Гејтс.
Тој ги посочи трите професии што се безбедни од преземањето на вештачката интелигенција: програмерите, биолозите и експертите за енергетика.
Ова можеби звучи изненадувачки, дури и контрадикторно, особено затоа што други технолошки експерти го кажуваат токму спротивното. Извршниот директор на „Нвидија“, Џенсен Хуанг, неодамна им порача на младите двапати да размислат пред да се посветат на софтверскиот развој, со оглед на напредокот на вештачката интелигенција. Во исто време, извршниот директор на „Сејлсфорс“, Марк Бениоф, изјави дека неговата компанија сериозно размислува дали да вработува софтверски инженери оваа година.
Понатаму, извршниот директор на „Опен АИ“, Сем Алтман, најави дека вештачката интелигенција на крајот ќе ги замени софтверските инженери и затоа им препорачува на студентите да ги совладаат алатките за вештачка интелигенција, исто како што неговата генерација го совладала програмирањето.
Но, Гејтс верува дека иако вештачката интелигенција може да генерира код и дури да ги поминува техничките тестови, за процесот и понатаму се неопходни луѓето. Според него, програмерите ќе бидат потребни за да идентификуваат и коригираат грешки, да ги усовршуваат алгоритмите и да ја поддржуваат понатамошната еволуција на вештачката интелигенција.
Дополнително, 69-годишниот Гејтс тврди дека биолозите ќе останат незаменливи и во светот што доминира со вештачка интелигенција.
Тој смета дека вештачката интелигенција е одлична во дијагностицирањето болести и анализата на ДНК, но потенцира дека технологијата сè уште нема креативност неопходна за биолошки истражувања и научни откритија.
Исто така, Гејтс предвидува дека вештачката интелигенција ќе биде корисна, а не пречка, во постигнувањето на глобалните климатски цели. Но, засега таа нема да ги замени експертите за енергетика бидејќи оваа област е премногу сложена за целосна автоматизација.
Освен тоа, Гејтс забележува дека и покрај напредокот во вештачката интелигенција и чистата технологија, светот веројатно нема да ги исполни климатските цели за 2050 година.
- Генерално, се плашам дека количината на зелена електрична енергија што ни е потребна за транзицијата нема да биде произведена онолку брзо колку што ни треба. Тешко е да се замисли дека ќе стигнеме до нула емисии до 2050 година - вели тој.
Извор:
Uniladtech.com
Фото: Screenshot/YouTube