Јаневска: Во 50 училишта ќе се постават фотоволтаични системи, МОН обезбеди неповратен грант од 1,1 милион евра

Јаневска: Во 50 училишта ќе се постават фотоволтаични системи, МОН обезбеди неповратен грант од 1,1 милион евра

Министерката за образование и наука Весна Јаневска и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Георгиевски, денеска го посетија Основното училиште „Партенија Зографски“ каде што во тек е поставување на фотоволтаичен систем. Станува збор за инвестиција која се реализира во рамките на проект за подобрување на енергетската ефикасност на училишта на територијата на Кисела Вода, Карпош и Зелениково, кој е финансиран од Владата, а го спроведува Центарот за развој на скопскиот плански регион.

- Ова не е единствена инвестиција на Владата во подобрување на енергетската ефикасност во образованието. Министерството за образование и наука потпиша договор за неповратен грант од 1,1 милион евра со Банката за развој на Советот на Европа, со кој во 50-ина училишта во Македонија ќе бидат инсталирани фотоволтаични системи - рече Јаневска.

Информираше дека училиштата се веќе мапирани и обезбедена е потребната документација, како и согласности од ЕВН за поставување на системите со кои училиштата ќе ја заменат енергијата базирана на фосилни горива со чиста и обновлива енергија.

- Унапредувањето на енергетската ефикасност на училишните објекти треба да биде заеднички приоритет на централната и локалните власти. Важно е затоа што значи придонес кон заштита на животната средина, што е глобален предизвик во чие надминување сите имаме одговорност да учествуваме. Исто така, значи и заштеди на буџетски средства кои можат да се искористат понатаму за други цели и подобрување на други општествени аспекти - рече Јаневска.