Најдобрите филмови и серии што оваа пролет ќе пристигнат на „Нетфликс“

Најдобрите филмови и серии што оваа пролет ќе пристигнат на „Нетфликс“

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Иако оваа сезона нема да донесе нови продолженија на омилените серии, како што се третата сезона на „Игра со лигни“, петтата сезона на „Почудни нешта“ или втората сезона на „Венсдеј“, тоа значи дека има простор за свежи содржини кои ќе го освојат вниманието на публиката. А следните пет се особено ветувачки.

„Карма“ (англ. Karma)



Една од најочекуваните серии годинава е новиот криминалистички трилер „Карма“. Најновиот трејлер, во кој повторно ја гледаме ѕвездата на „Игра со лигни“, Парк Хе-су во акција, ја зголемува возбуда.

Инспирирана од веб-стрипот Карма, оваа серија е дело на сценаристот и режисер Ли Ил-хјунг. Приказната следи шест лика поврзани со нераскинливиот циклус на кармата - луѓе чиј живот е обликуван од нивните импулсивни и непромислени одлуки.

Тука се човек заробен во долгови, жена што мора да се соочи со своите најголеми стравови и несовесен возач кој очајно се обидува да го прикрие своето злосторство, но станува жртва на уцена.

Серијата пристигнува на „Нетфликс“ на 4 април.

„Црно огледало“ – 7. сезона (англ. Black mirror)




Од моментот кога беше објавен првиот трејлер за седмата сезона на „Црно огледало“, обожавателите се во исчекување. Оваа сезона не само што носи фантастична актерска екипа, туку и продолжение на култната епизода „USS Callister“, која ни даде морничаво извртување на класичните научнофантастични приказни како „Ѕвездени патеки“.

Првиот трејлер за новата сезона ни дава застрашувачки увид во новата доза дистописки кошмари. Како и секогаш, оваа серија повторно го преиспитува нашиот однос со технологијата, овој пат истражувајќи подлабоки научнофантастични теми поврзани со вештачката интелигенција и човечката свест.

Серијата ќе пристигне на „Нетфликс“ на 10 април.

„Експлозија во брзиот воз“ (англ. Bullet Train Explosion)




Продолжувајќи го возбудливиот тренд на акциски трилери, „Нетфликс“ го претставува „Експлозија во брзиот воз“, филм што изгледа како чист адреналин.

Дејството се случува во супербрз воз што вози низ Јапонија, следејќи група патници кои се наоѓаат во трка за животот кога во возот ќе биде откриена бомба. Ако возот забави под одредена брзина – експлозијата е неизбежна. Оние што го гледале „Брзина“ со Кијану Ривс ќе ги забележат сличностите.

Филмот ќе пристигне на „Нетфликс“ на 23 април.

„Пустош“ (англ. Havoc)




Производството на „Пустош“ започна уште во 2021 година, но по години без нови информации, минатиот месец конечно добивме трејлер што ни открива дел од тоа што нè очекува.

Во овој филм, Том Харди ја презема улогата на Вокер, детектив кој мора да се пробие низ криминалното подземје за да го спаси синот на еден политичар. Но, пресметката со опасните мафијаши е само дел од проблемот. Вокер истовремено влегува во мрачна мрежа на корупција, а притоа мора да се соочи и со своето минато.

Филмот ќе пристигне на „Нетфликс“ на 25 април.

„Вечниот патник“ (англ. Eternaut)



Оваа научнофантастична серија многумина ја споредуваат со „Последниот од нас“ и „Фолаут“, што само по себе е одлична препорака.

„Вечниот патник“ ја раскажува приказната за мистериозна, смртоносна снежна бура што уништува поголем дел од човештвото, оставајќи ги преживеаните во очајна борба за опстанок.

Но, вистинската опасност допрва доаѓа. Тие откриваат дека оваа бура не е природна катастрофа, туку првиот напад на непријателска вонземна сила што ја напаѓа Земјата. Единствениот начин да преживеат е да се обединат и да се борат за својот опстанок.

Серијата ќе пристигне на „Нетфликс“ на 30 април.

Извор: miss7.24sata.hr
Фото: Screenshot/YouTube