Од 2021 година ќе се плаќа за влез во ЕУ
Подготвил:
Билјана Арсовска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Граѓаните на третите земји, кои се ослободени од плаќање виза, од 2021 година ќе плаќаат седум евра за одобрување за влез во шенген-зоната, се предвидува со договорот за Европскиот систем за патни информации и одобренија. Останува уште
одлуката да биде усвоена од Европскиот совет.
- Тоа е уште еден важен чекор за заштита на надворешните граници на ЕУ - порача бугарскиот министер за внатрешни работи Валентин Радев.
Амбасадорите на земјите-членки на ЕУ го потврдија договорот постигнат меѓу бугарското претседавање на ЕУ и Европскиот парламент, кој се однесува на новите правила за патување за граѓаните на трети земји во шенген-зоната.
Од Европскиот совет наведуваат дека новиот систем ќе се применува за државјани на трети земји, кои се ослободени од визи.
- Системот ќе се применува за државјани на трети земји кои се ослободени од визниот режим. Тие со пријава преку интернет ќе мора да добијат овластување за патување пред да влезат во шенген-зоната. За таквата пријава подносителот на барањето ќе плаќа надоместок за патување во износ од седум евра - истакнаа од Советот.
Системот ЕТИАС беше предложен од страна на Европската комисија во ноември 2016 година, а доколку ја добие согласноста на Европскиот парламент и Советот, новиот систем би можел да стапи во сила до 2021 година.
Фото: Buka
Од Советот наведуваат дека ЕТИАС ќе овозможи претходна проверка и доколку има потреба, одбивање на одобрението за патување на државјаните од третите земји.
- Тоа ќе помогне да се подобри внатрешната безбедност, да се спречи илегалната имиграција, да се заштити јавното здравје и да се намали доцнењето на границите со идентификувањето на лицата што може да претставуваат ризик во некоја од овие области пред да стасаат на надворешната граница - додаваат од Советот.
Се нагласува дека дозволата за патување ќе важи три години или до истекот на важноста на патната исправа која се регистрира при пријавувањето.
- Информациите доставени со секоја апликација ќе бидат автоматски обработени преку релевантна база на податоци на ЕУ и Интерпол за да се утврди дали постојат основи за одбивање на дозволата за патување. Ако не се идентификуваат елементи што бараат понатамошна анализа, овластувањето за патување ќе биде издадено автоматски и брзо. Се очекува тоа да се случи со поголемиот број апликации - стои во соопштението.
Доколку постои каков било сомнеж, работата на барањето ќе се префрли на рачна обработка на националните служби на земјата-членка. Во тој случај за одбивање или одобрување на дозволата за патување ќе бидат потребни најмногу 96 часа од поднесувањето на барањето.