Битка на титаните: Стефан Дамчевски освои бронза на олимпијадата „Менделеев“ во Санкт Петербург

Битка на титаните: Стефан Дамчевски освои бронза на олимпијадата „Менделеев“ во Санкт Петербург

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

За разлика од Меѓународната олимпијада по хемија, Менделеевата олимпијада е помалку посетена, а тоа се должи на тежината на проблемите и сериозноста на експерименталните задачи

Средношколецот Стефан Дамчевски од приватната гимназија „Јахја Кемал“ од Струга освои бронзен медал на 53. Меѓународна олимпијада по хемија – „Менделеев“ што се одржа во Санкт Петербург. Медалите беа врачени денеска на свечена церемонија. Доц. д-р Миха Буклески од Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија (СХТМ) и ментор на нашиот четиричлен тим изјави за Факултети.мк:

Стефан Дамчевски (во средина) на врачувањето на медалот

- Во оваа „Битка на титаните“, како што претседателот и академик Василиј В. Лунин ја нарече 53. Меѓународна олимпијада по хемија – „Менделеев“, нашиот учесник Стефан Дамчевски успеа да освои бронзен медал. Оваа година Менделеевата олимпијада беше домаќин на 29 држави меѓу кои и „хемиските титани“ кои доминираат на хемиската сцена: Русија, Кина, Романија. Конкуренцијата е огромна, а фактот дека од некои силни конкуренти бројот на учесници е поголем (Русија и Украина - 11, Узбекистан и Казахстан - 8), освојувањето медал е исклучително тешка задача. Што е подостоинствено за одбележувањето на 150-годишнината на Периодниот систем од освојување медал во градот каде што неговиот креатор живеел и работел?!? – вели Буклески.

Во Санкт Петербург отпатуваа четворица средношколци од нашата земја, предводени од менторот Буклески. Покрај медалистот Дамчевски, тимот го сочинуваа и Стефан Стојковиќ од скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, Руфија Идризовска од „Јахја Кемал“ од Гостивар и Михаил Трајков од „Димитрија Чуповски“ од Велес.



- Важно е да ја истакнеме заложбата на рускиот амбасадор Сергеј Баздникин во Скопје за обезбедените финансиски средства за учество на оваа олимпијада. Без неговата помош, нашиот тим немаше да отпатува во Санкт Петербург. По пет години пауза поради финансиски причини, Македонија успешно се враќа на Менделеевата сцена. Се надеваме дека во иднина Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија, акредитиран за спроведување на циклусот натпревари, ќе добие финансиска помош од надлежните институции за овие активности и финансирањето ќе биде системски решено – вели Буклески.

Во подготовките и изборот на учениците за учество на хемиските олимпијади вклучен е тим од професори од Институтот за хемија, членови на СХТМ.

Интернационалната олимпијада „Менделеев“ е продолжение на републичкиот натпревар кој се реализирал во рамките на поранешниот Советски Сојуз. По неговото распаѓање, овој натпревар продолжил да се одржува, но во облик на меѓународно натпреварување на кое, освен поранешните советски републики, право на учество имаат сите земји од светот, но по претходна покана од организаторот.

Македонскиот тим предводен од доц. д-р Миха Буклески (десно)

Од СХТМ велат за разлика од Меѓународната олимпијада по хемија, Менделеевата олимпијада е помалку посетена, а тоа се должи на тежината на проблемите и сериозноста на експерименталните задачи. Натпреварот се состои од два теоретски дела и еден експериментален. Вториот теориски дел е напредно ниво и обработува теми кои не се застапени во наставната програма по хемија за средно училиште.
Оваа година е прогласена за Меѓународна година на Периодниот систем од страна на УНЕСКО, а натпреварот „Менделеев“ е ставен на агендата со настани кои влегуваат во одбележувањето на 150-годишнината од составувањето на Периодниот систем на елементите од страна на рускиот хемичар Димитриј Иванович Менделеев.