Чиле продолжува со планот за издавање сертификати на оздравените од Ковид-19

Чиле продолжува со планот за издавање сертификати на оздравените од Ковид-19

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Владата на Чиле има план за издавање сертификати на оние што се излекувале од Ковид-19. Документите ќе им бидат доделени на луѓето за да може да се вратат на работните места, изјавила заменик-министерка за здравство Паула Даза.

Од Светската здравствена организација (СЗО) изјавиле дека нема доказ дека луѓето што оздравеле од Ковид-19 се имуни на вирусот, односно дека не би можеле повторно да се заразат. Затоа издавањето сертификати може да им даде на луѓето лажно чувство за безбедност и да придонесе за поголемо ширење на вирусот.


Фото: Pixabay

Во Чиле се потврдени 189 смртни случаи поврзани со коронавирусот, а бројот на регистрирани случаи во земјата надминува 13.000, според податоци од Универзитетот „Џонс Хопкинс“.

- Моментално нема доказ дека луѓето што оздравеле од Ковид-19 и имаат антитела се заштитени од второ заразување - изјавиле од СЗО во петокот.

Сепак, Даза им кажала на новинарите во неделата дека тие знаат дека личноста што веќе еднаш ја имала болеста има помали шанси повторно да се зарази. Таа додала дека сертификатите нема да потврдуваат дека луѓето се имуни на Ковид-19, туку ќе покажуваат дека тие оздравеле од болеста и го поминале периодот на изолација.

Извор: Би-би-си