Пронајден доказ за единствениот загинат човек при удар на метеорит
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Шансите да се биде погоден и убиен од метеорит се околу 1 на 250.000. Досега немало потврден и докажан случај на човек што бил убиен при удар на метеорит. Но, истражувачите сега велат дека откриле три различни официјални документи што опишуваат фатален случај поврзан со вселенско тело пред повеќе од 130 години.
Во приближно 8:30 часот, на 22 август 1888,
на небото се видела светла топка, а веднаш потоа следувал и метеорски дожд над едно село во Сулејманија, Ирак, која тогаш била дел од Отоманското Царство. Еден човек починал, додека друго лице останало парализирано по ударот од метеоритот, покажуваат документи кои се чуваат во архивата на владата на Турција. За настанот пишувало и во извештај за тогашниот султан Абдул Хамид II.
Фото: Pixabay
- Поради фактот дека овие документи се од официјални владини извори и биле напишани од локалните власти, немаме сомнеж во нивната вистинитост - велат истражувачите во
академска студија што го опишува откритието.
Тие велат дека станува збор за првиот доказ за ситуација во која метеорит погодил и убил човек. Истовремено, ова е и најстариот инцидент на метеорит што погодил човек.
Фото: Pixabay
Претходно првиот случај на метеорит што погодил човек е оној во кој Ан Елизабет Фаулер Хоџес била погодена од метеорит додека спиела во нејзината дневна соба во Алабама, САД, ноември 1954. Хоџес имала мали повреди, но преживеала.
Минатата година се зборуваше за смртен случај во кој возач на автобус бил убиен од метеорит во Индија, февруари 2019, но НАСА ги одби тврдењата.
Автор: Питер Стабли
Извор:
independent.co.uk