Фантастичен почеток, тажен крај: Судбината на фабриката на „Бугати“ во Италија
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Возејќи по автопатот А22 од Милано кон Модена, не може, а да не се забележи импресивната сина зграда од десната страна. Иако натписите се избледени, сè уште се наѕираат буквите во препознатлива овална форма - „Бугати“.
Оваа футуристичка фабрика во Кампогалијано, која некогаш претставувала врв на технологијата и дизајнот, денес стои осамена, како дух на славното минато и неостварените соништа на Романо Артиоли - човекот кој се обидел да го воскресне легендарниот бренд.
Раѓањето на „сината фабрика“
„Бугати“ е основана од Италијанецот Еторе Бугати во францускиот град Молсхајм во 1909 година. Но, компанијата банкротирала во 1963 година. Името „Бугати“ во 1987 година го откупил богатиот италијански инвеститор Романо Артиоли, кој ја формирал компанијата „Бугати аутомобили“. Целта му била да создаде најнапреден и најбрз суперавтомобил на светот.
Иако бил свесен за француското потекло на брендот, Артиоли за седиште на новата компанија го избрал Кампогалијано, мало гратче во близина на Модена. Причината била стратешка со оглед на тоа што местото се наоѓа во срцето на италијанската „Долина на моторите“, домот на „Ферари“, „Ламборгини“ и „Мазерати“, со изобилство на квалификувани инженери, техничари и снабдувачи специјализирани за врвни автомобили.
Фабриката, дизајнирана од роднината на Артиоли, архитектот Џампаоло Бенедини, била свечено отворена на 15 септември 1990 година, на 109. роденден на Еторе Бугати. Артиоли инсистирал фабриката да биде дизајнирана околу луѓето кои работат во неа, а не само околу производот.
Големите стаклени површини пропуштале природна светлина, а климатизацијата, која тогаш била реткост во Италија, овозможувала пријатна работна температура. Самиот Артиоли често јадел во истата менза со работниците, дури и кога бил домаќин на личности како Михаел Шумахер, бидејќи сакал да создаде семејна атмосфера. Поради препознатливата боја, фабриката брзо го добила прекарот „Ла фабрика блу“, што во превод значи сината фабрика.
Архитектонски бисер пред своето време
Дизајнот бил спој на уметност и индустриска функционалност. Од сините панели на фасадата на истражувачко-развојниот центар до стаклените рабови што овозможувале многу светлина без прегревање летно време. Секој детал бил внимателно осмислен. Фоајето било украсено со бел мермер, кристал и не'рѓосувачки челик. Логото „ЕБ“ било врежано на прозорците.
Фабриката била една од најнапредните во светот. Имала свое студио за дизајн, оддел за развој на мотори, шест простории за тестирање на мотори, сопствена тест-патека и друго. Интересно е што уште во 1992 година фабриката имала просторија за тестирање штетни издувни гасови - три години пред тоа да стане законска обврска во Европската Унија.
Според нивото на деталност и завршна обработка, Кампогалијано поставил стандарди што подоцна ги достигнале само ретки производители, како „Мекларен“ или „Пагани“.
Пропаѓањето на „сината фабрика“
Главниот производ на „Сината фабрика“ бил „бугати ЕБ110“ - суперавтомобил именуван во чест на 110. роденден на Еторе Бугати. Но, империјата на Артиоли почнала да се распаѓа во средината на 90-тите. Купувањето на „Лотус“ од „Џенерал моторс“ во 1993 година дополнително финансиски ја оптоварило компанијата. Економската криза што ги зафатила Европа и САД, заедно со наводни проблеми со снабдувачите (Артиоли тврдел дека конкуренцијата го саботирала), довела до банкрот на „Бугати“ во 1995 година.
Имотот бил распродаден, а групацијата „Фолксваген“ ги откупила правата на името „Бугати“ и го пренела производството назад во Молсхајм, Франција.
Сината фабрика ја купил производител на мебел, но и тој банкротирал пред да се всели. Артиоли понудил бесплатно да му ја предаде фабриката на „Фолксваген“, под услов да продолжи да ја води, но неговиот предлог бил одбиен. Оттогаш, сината фабрика стои напуштена.
Чувар на спомените
Од почит кон визијата на Артиоли и трудот на сите вработени, за напуштениот комплекс долги години се грижел Ецио Павези, кој работел како домар во фабриката од 1990 година. Таму ја запознал својата сопруга и го добиле синот Енрико, кој му помагал во одржувањето на фабриката.
- Му помагав на татко ми од мал – прво од обврска, а потоа од страст. Гледав како татко ми го посвети животот на ова место и никогаш не се откажа. Мојот татко, кој никогаш не се предаде, дури и кога никој повеќе не се грижеше за фабриката, беше таму, работеше секој викенд, ја проверуваше и ноќе и дење, а јас бев со него. Кога бев помал го прашав: „Зошто го правиме ова?“, а тој ми одговори: „Ако не го направиме ние, кој ќе го направи?“ – напиша Енрико пред три години на социјалните мрежи со фотографија од „сината фабрика“.
Денес фабриката е напуштена и нејзината судбина е неизвесна, а спомените за неа ги негува историско-културното здружение „Бугати аутомобили Кампогалијано АПС“.