Сите научни истражувања на НАСА се достапни на интернет

Сите научни истражувања на НАСА се достапни на интернет

Подготвил: Билјана Арсовска

Има нешто многу специјално во сите истражувања финансирани од страна на НАСА - тие се достапни, бесплатно, за сите.

Моментот кога НАСА го објави овој потег за отворање на пристапот во 2016 година беше специјален момент. Не само што сите објавени истражувања финансирани од агенцијата ќе бидат достапни бесплатно, туку агенцијата направи и сајт за да го олесни пристапот.

Бесплатната интернет архива дојде како одговор на клучно ажурирање на политиката, кое бара сите статии за истражувања финансирани од страна на НАСА да бидат јавно достапни во рок од една година од објавувањето.

-Ние во НАСА ја славиме оваа можност за зголемување на пристапот до нашето портфолио од научни и технички публикации. Преку отворен пристап и иновација ја повикуваме глобалната заедница да ни се придружи во истражувањето на Земјата, воздухот и вселената - истакна Дава Њуман, заменик-администратор во НАСА.

Базата на податоци се вика „PubSpace“ и јавноста може да пристапи до статиите барајќи го она што ѝ е интересно или, пак, само гледајќи ги сите статии. Во базата на податоци има повеќе од илјада статии, а бројот постојано се зголемува. И како што се очекува, има огромен број интересни теми, од рутини за вежбање за да се одржи здравјето за време на долготрајни вселенски мисии, па се до изгледите за живот на Титан. Сето тоа сега е достапно за истражувачите или за сите оние кои се заинтересирани за науката. Слободно можете да ги пребарате содржините и да си ги снимите во вашиот компјутер. Секако, има и материјал кој не е достапен за сите.

Фото: ncbi.nlm.nih.gov (Printscreen)

Објавувањето на материјалот доаѓа како дел од трендот на поголема отвореност во научните истражувања. Поради фрустрирањето кое потекнува од комерцијалната контрола која ја имаат компаниите кои ги поседуваат поголемиот дел академски изданија, некои истражувачи едноставно ги одминуваат списанијата и си ја прикачуваат нивната работа директно на интернет. Други илегално ги споделуваат научните трудови на интернет во обид да споделат знаење. Истовремено, во Европа има повици сите објавени научни трудови финансирани од јавноста да бидат бесплатни.

Истата логика стои и зад порталот на НАСА, но оваа агенција може да има корист од иницијативата, која ќе ѝ помогне да ги следи сите истражувања кои ги има финансирано и да покаже што прави со парите од даночните обврзници.