Кои се најголемите полуострови на континентите? Втор дел – Африка

Кои се најголемите полуострови на континентите? Втор дел – Африка

Вториот најголем континент во светот е континентот Африка. Зафаќа површина од околу 30 милиони km2 и заедно со островите тој покрива 6% од површината на Земјата или околу 20% од копнената површина на Земјата. Африка е единствениот континент низ кој поминуваат и екваторот и двата повратници.

Овој континент е еден од најслабо разгранетите и на него се наоѓаат мал број на заливи, протоци, острови, а само три полуострови можат да се издвојат како позабележителни и покарактеристични. Два од нив се наоѓаат во северниот брег, кој излегува на Средозменото Море, а тоа се полуостровот Тунис, кој се наоѓа во истоимената држава Тунис и полуостровот Барка кој, пак, се наоѓа во државата Либија.

Овие два полуострова се одделени еден од друг со заливот Сидра и Габескиот залив. На источниот брег се наоѓа Сомалискиот Полуостров (Африкански Рог). Најголемиот полуостров на африканскиот континент е Сомалискиот Полуостров, познат уште под името Африкански Рог, кој се наоѓа во Источна Африка и излегува на Црвеното Море и Индискиот Океан. Неговата површина изнесува околу 1.900.000 km² и на неговата територија живеат околу 137 милиони жители во следнве држави: Етиопија, Сомалија, Еритреа и Џибути.

Африканскиот Рог е покриен со планински масиви, и помал дел со ниски области кои се топли и суви. Најголемиот дел од овој полуостров зафаќаат Етиопските Планини, кои се едни од највисоките планини во Африка по планините Килиманџаро, Кенија и Рувензори. Највисокоата точка на овој полуостров е врвот Рас Дашен кој е висок 4 623 м.

Фото: Pixabay

Од Етиопските планински височини, благодарение на големите врнежи, се спуштаат поголем број реки. Такви се реките Џуба и Шебели, кои извираат од високите предели на Етиопските планини и течат низ Сомалискиот Полуостров. Овие реки се вливаат во Индискиот Океан. Низ овој полуостров тече и реката Син Нил, која извира од езерото Тана што се наоѓа во државата Етиопија и заедно со реката Бел Нил се спојуваат во близина на градот Картум, главниот град на државата Судан и ја формираат реката Нил која е најдолгата река во Африка и втора најдолга во светот по реката Амазон. Источниот крајбрежен дел се одликува со пониски и порамни делови.

Климата на Сомалискиот Полуостров се карактеризира со високи температури во текот на целата година. Максимална средна дневна температура е од 30 °C до 40 °C, освен на високите делови и долж источниот брег, каде дневната температура се движи од 15 °C до 30 °C.

На овој полуостров се застапени различни видови на растенија и животни, меѓу кои се леопардите и антилопите кои спаѓаат во загрозен вид во рамките на овој полуостров. Рогот на Африка има повеќе ендемични влекачи од кој било друг регион во Африка и претставува домаќин на над 285 видови ендемични влекачи. Жителите на Африканскиот Рог во голема мера се занимаваат со сточарството, а најмногу извезуваат кафе, банани и добитокот.

Подготвил: Тоше Столески, наставник по географија

Извор: igeografija.mk
Насловна фотографија: Pixabay