Патување по короната: Каде ќе може да одите слободно, а каде ве чека тестирање и карантин?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Повеќето земји почнаа да ги отвораат границите. Но, насекаде важат различни правила: некаде треба да имате негативен тест на коронавирус, некаде треба да имате посебна дозвола, некаде треба да бидете во карантин откако ќе ја посетите, а некаде карантинот е укинат.
Иако границите се отвораат, секоја земја го задржува своето право да следи различни мерки во согласност со својата епидемиолошка ситуација и проценки, па затоа условите се разликуваат од држава до држава.
Отворање на границите во нашата земја сè уште не е најавено, а министерот Венко Филипче минатата недела неколку пати повтори дека е рано за отворање.
Србија
Србија минатата недела ги отвори своите граници, а за влегување во земјата не е потребен негативен тест на коронавирус ниту посебна дозвола за домашни и странски државјани.
Покрај тоа, патниците нема да мораат да одат во самоизолација при доаѓање во Србија. Но, на сите кои ќе влезат во земјата, ќе им бидат дадени здравствени предупредувања. Во предупредувањата се наведува дека влегуваат на територија на која вирусот сè уште циркулира, како и начините на превенција од зараза.
Босна и Херцеговина
Во Босна и Херцеговина е укината мерката на самоизолација по влегувањето во земјата, но влегувањето на странски државјани е можно само во случај за бизнис активности или доколку станува збор за семејства на починати кои можат да влезат во земјата за да присуствуваат на погреб.
И во двата случаи неопходно е патниците да имаат негативен тест на вирусот не постар од 48 часа, како и да се јават во надлежна здравствена установа во општината каде одат.
Отворањето на границите на оваа држава за странци е најавено за 1 јуни.
Фото: Pixabay
Хрватска
За влегување во Хрватска, или туристички или за работа, неопходен е негативен тест не постар од 72 часа. Во двата случаи неопходна е причина за престој во оваа земја - доказ за работни ангажмани или доказ за резервирање на сместување.
За странците не е неопходен 14-дневен карантин. Во оваа држава најавуваат и други олабавувања на мерките, но нема прецизни информации за целосно отворање на границите.
Црна Гора
Границите за странските државјани, граѓаните на Хрватска, Словенија, Австрија, Германија, Полска, Чешка, Холандија, Албанија и Грција ќе се отворат од 1 јуни.
Црна Гора не бара мерки за самоизолација ниту негативен тест.
Грција
Границите за сите граѓани се отвораат од 15 јуни. Грција нема да бара тест и карантин од 14 дена. Задолжително е пополнување на посебен прашалник доколку патувате со траект подолго од половина час.
Бугарија
Отворањето на границите е најавено од 1 јуни. Бугарија нема да бара карантин и негативен тест.
Унгарија
Унгарија најпрво предвидуваше влегување во земјата само за поединци кои патуваат поради работа, првенствено сезонските работници, но од 25 мај е дозволено влегување на повеќето соседни земји.
Оваа држава од 26 мај ја укина мерката карантин. Граѓаните можат да влезат во земјата од сите девет гранични премини.
Австрија
За влегување во
Австрија потребен е негативен тест или 14 дена во самоизолација. Тестот може да се направи на аеродромот во Виена за 190 евра, а резултатите се добиваат по три часа.
Дозволен е влез само за странци со виза за престој или постојан престој во Австрија, додека влегувањето со работна виза не е дозволено, иако постои можност да се направат исклучоци за сезонските работници.
Швајцарија
Дозволено е влегување исклучиво за државјаните на Швајцарија и оние со постојан престој.
Турција
Границите за странските туристи ќе бидат отворени на 15 јуни. Сè уште не се знае дали Турција ќе бара мерки за изолација и/или негативен тест, како и дали ќе бидат неопходни маски.
Германија
Патниците од ЕУ-земјите или шенген-зоната во Германија нема да мораат да се изолираат 14 дена. Но, ако сте од други земји, тука има конфузија.
Германската влада планира да го укине предупредувањето за патување во 31 европска земја, доколку ситуацијата со коронавирусот продолжи да се подобрува во Европа.
Извор:
RTS