МОН апелира училиштата и општините да им ги исплатат прекувремените часови на наставниците
Работата и посветеноста на наставниците треба да се вреднува и почитува, особено во услови на пандемија кога сите заеднички вложивме максимални напори да имаме успешна учебна година. Министерството за образование и наука апелира до локалните самоуправи и училиштата да го почитуваат Законот и да ги исплаќаат надоместоците за прекувремена работа на наставниците, пишува во соопштението од МОН.
МОН редовно и навремено ги уплаќа блок-дотациите кон локалните самоуправи, согласно динамиката со која тие ги доставуваат барањата.
Исто така, МОН уште во октомври испрати писмо до сите училишта со кое ги потсети на законските обврски дека на наставниците што извршуваат работни задачи повеќе од полното работно време треба да им се исплати надоместок за прекувремена работа, за што се обезбедени средства.
МОН и претходно во повеќе наврати апелираше до општините да го почитуваат Законот и да го исплатат надоместокот.
Исто така, МОН даде детални инструкции за постапување на секое училиште и општина која се обрати за барање за појаснување како да постапи во врска со пресметките за плата.